ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.04.2025
Правната клиника во Штип: Бесплатна правна помош за граѓаните и можност за студентите да учат преку пракса
Автор: Goce Author

Сѐ поголем број граѓани кои немаат финансиски можности за адвокат бараат поддршка токму во Правната клиника при Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Таа овозможува бесплатна примарна правна помош, но и им нуди на студентите единствена шанса да работат на реални случаи под менторство на искусни професори.

Пристапот до правда не е само пристап до суд, туку и до информации, правна помош, институции и ресурси“, објаснува проф. д-р Милица Шутова, раководителка на правната клиника. „Правната помош ја промовира еднаквоста, го јакне владеењето на правото и заштедува ресурси за државата и граѓаните.“, појаснува Шутова.

Студентите на пракса во правната клиника заедно со проф. Шутова

Над 70% од случаите – успешно обработени

Од основањето во 2019 година, клиниката постапувала по десетици случаи, од кои најголем дел се од областа на имотно-правни, семејно-правни и работно-правни односи. Над 70% од предметите биле успешно решени.

Ние даваме примарна правна помош – тоа вклучува совети, информации и поддршка за граѓаните кои не можат да си дозволат адвокат“, вели Шутова. „Секој случај го третираме професионално, со почитување на приватноста и соработка со адвокати и други институции.“

Проф. д-р Милица Шутова

 Студентите се срцето на клиниката

Правната клиника е платформа за клиничко образование, каде што студентите учат преку директно учество во решавање на вистински правни случаи. Можат да се приклучат студенти од втора до четврта година преку јавен повик.

Година по година, интересот на студентите расте – тие ја препознаваат вредноста на праксата и сакаат да бидат дел од нешто што има вистинско влијание врз општеството“, вели Шутова.

По вклучувањето, студентите се запознаваат со процесите на давање бесплатна правна помош, а секоја среда е ден за прием на странки во просториите на факултетот. Под менторство, тие ги анализираат предметите и предлагаат правни совети.

Во клиниката се вклучени и студентите и асистенитте на УГД

 Како граѓаните можат да добијат бесплатна правна помош?

Сите физички лица со живеалиште или престој во Северна Македонија можат да поднесат барање за примарна правна помош. Потребно е да пополнат формулар и да достават краток опис на правниот проблем.

Покрај советите, помагаме и при составување претставки, пополнување формулари или комплетирање барања за секундарна правна помош, кога е потребен адвокат“, објаснува Шутова.

Мрежа на соработка – од локални општини до Советот на Европа

Правната клиника не работи изолирано – таа активно соработува со повеќе општини (Штип, Струмица, Карбинци, Богданци, Валандово) и со канцеларијата на Советот на Европа во Скопје. Заеднички организираат информативни кампањи за да ги едуцираат граѓаните за нивните права и можностите за бесплатна правна помош.

Правната клиника на терен

Нашата работа е поддржана со практични активности, меморандуми за соработка и теренски кампањи. Веруваме дека пристапот до правда треба да биде реален, а не само декларативен“, заклучува професорката Шутова.

Правната клиника ја игра улогата на мост меѓу универзитетот и заедницата, меѓу теоријата и практиката, меѓу младите правници и реалните животни проблеми на граѓаните. Правната клиника се наоѓа во Правниот факултет на УГД, во центарот на Штип.

Автор: Илија Јанев  (студент по Медиумски студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип)

Прим. Д-р. Мери Шорова: Прва помош при состојба на пожари и изгореници
Од срамежлива девојка до храбар глас: Борбата на Марија со социјалната анксиозност