
Од седумгодишна возраст, Столе Ефтимов од Кочани активно тренира борење. Низ годините зад себе има бројни настапи на државни и меѓународни натпревари, со значајни пласмани што го вбројуваат меѓу успешните млади спортисти. Во 2019 година го освои првото место на Државното првенство во борење – слободен стил.
„Желбата се појави уште од најмали нозе, најмногу поради тоа што мојот дедо исто така активно се занимавал со овој спорт и тоа беше моја најголема инспирација. Со текот на времето, спортот стана повеќе од хоби, стана мојот начин на живот. Ме научи да бидам посветен, да ги ценам малите напредоци и да се радувам на секој успех, но и на секој пораз да гледам како на лекција да учам ,да се подобрувам и секогаш да бидам посветен.“, вели Столе.

Столе Ефтимов
Како клучни во својата кариера ги издвојува државните првенства, каде, како што посочува, се гради континуитетот, формата и вистинската спортска зрелост. На меѓународна сцена, посебно значење имаат неговите настапи на Балканското првенство, каде го освои второто место, Европското првенство со освоено четврто место и Светското првенство, каде се пласираше на седмата позиција.
„Посебно ми значат токму европските и светските настапи, затоа што таму најмногу се учи, се гледа вистинското ниво на спортот, се споредуваш со најдобрите и добиваш јасна слика каде се наоѓаш и што сѐ треба уште да се подобрува.Овие резултати за мене не се само бројки, туку доказ за долгогодишната работа, жртвите и истрајноста. На вакви натпревари конкуренцијата е исклучително силна, а секој настап бара максимална физичка и ментална подготвеност.“, вели Столе.
Подготовките за секој натпревар, вели тој, се долг и макотрпен процес. Тренинзите се планираат според конкретна цел и фаза од подготовката, а покрај физичката форма и кондиција, клучна е и менталната стабилност.
„Предизвиците со кои се соочувамe ние спортистите се многубројни и не се поврзани само со тренингот и натпреварите. Еден од најголемите предизвици во боречките спортови е одржувањето и симнувањето на килажата, што претставува сериозен психофизички напор. Тоа бара високо ниво на дисциплина, прецизна исхрана, контрола на навиките со еден збор натпревар пред натпреварот.Покрај тоа голем предизвик е и континуираниот физички напор низ целата сезона, долгите и интензивни подготовки често носат замор, преоптоварување и ризик од повреди, па затоа е потребна постојана внимателност и правилна подготовка. Сериозен фактор е и психолошкиот притисок, особено пред важни натпревари и големи првенства. Очекувањата, пред сѐ личните па и од околината, создаваат дополнителен товар, па голем дел од работата е насочен кон тоа да останам смирен, фокусиран во клучните моменти.“, вели Столе.
Потребно е поголема поддршка
Иако смета дека постои поддршка за спортистите, посочува дека системот може да се унапреди.
„Сметам дека во државата постои искрен напор од страна на надлежните институции да се поддржи спортот, но реално има простор таа поддршка да биде поорганизирана, посистемска и подолгорочна. Имаме многу талентирани спортисти, меѓутоа често недостига јасна стратегија за развој на врвен спорт, подобри инфраструктурни услови и поконзистентна финансиска поддршка, особено за оние спортисти кои се на меѓународно ниво и се борат за резултати надвор од државата. Сметам дека со посериозни инвестиции, со јасни програми за поддршка и со создавање стабилен спортски систем, нашите спортисти би можеле многу полесно да се подготвуваат и рамноправно да се натпреваруваат со спортисти од земји кои имаат далеку поразвиени спортски структури.“, вели Столе.
Пораката до младите е да му дадат шанса на спортот.
„Спортот не само што гради шампиони на теренот, туку и ги држи младите подалеку од лошите пороци и негативни влијанија, кои за жал се сè почести во денешницата. Тој учи на дисциплина, самоконтрола, фер-плеј и почит кон другите.“, вели Столе.