ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
23.04.2025
Прим. Д-р. Мери Шорова: Прва помош при состојба на пожари и изгореници

Докторката Мери Шорова е едукатор за прва помош во Црвениот Крст, и за гоце.мк направи кратко упатство како да се справиме и како да дадеме прва помош во состојба на пожар.

Д-р. Мери Шорова

Пожарите се трауматични и предизвикуваат вознемиреност, затоа е многу важно да се размислува со ладна глава. Забавете за момент, смирете го дишењето, размислете за постапките кои се потребни за да бидете што е можно покорисни во стабилизација на здравствената состојба и спасување на животите на загрозените. Потоа проценете колку е безбедно местото на несреќата и утврдете што точно може да ве загрози вас и останатите присутни (механичка опасност, излевање на опасна течност или испуштање на гас, опасност од експлозија, пожар, рушење, затрупување…).

Известете ги специјализираните служби да го отстранат изворот на опасноста и побарајте помош од некого во околина.

Јавете се на 112 – Паневропски број за итни случаи.

Пожарите се шират многу брзо, затоа прв приоритет е да ги предупредите другите околу вас. Обидете се да ги задржите сите смирени и да им помогнете на луѓето да се евакуираат што е можно побрзо.

1.Како да процените дали нечиј живот е во опасност?

Најважно е кај секој повреден да утврдите:
-дали е свесен;
-дали дишните патишта му се проодни;
-дали дише;
-дали видливо силно крвари;

-дали може да се поместува.

 2.Кому да му укажете прва помош?

Итното укажување помош е потребно кај лица со срцев застој, кај онесвестени лица, кај лица на кои им е загрозено дишењето и кај лица кои многу крварат.

3.Постапување со лице кое се онесвестило во пожар

Најпрвин обидете се да воспоставите контакт со повреденото лице, обратете му се гласно и прашајте го:
-Дали си добро?
-Ме слушаш ли?
-Отвори ги очите!
Ако лицето не реагира, отворете му ги дишните патишта, со зафрлање на главата наназад. Тоа можете да го направите на следниот начин:

-со едната рака му го притискате челото со дланката,
-а со другата рака му го подигате врвот на брадата со два прста .

Проверете дали лицето дише, со помош на правилото – гледај,слушај, чувствувај. Приближете се до лицето на повредениот, а потоа:
-набљудувајте го движењето на градниот кош;
-слушајте го дишењето;
-почувствувајте го здивот на лицето на вашиот образ.
Ако загрозеното лице дише, поставете го во странична положба и задолжително повикајте итна помош. Осигурајте се дека дишните патишта му се проодни и постојано следете го дишењето.

4.Постапување со онесвестено лице кое не дише – мерки за оживување

Ако лицето е онесвестено и не дише, веднаш известете го бројот 112 и започнете со мерки за оживување (срцево белодробно оживување):

-започнете со срцева масажа т.е. 30 притискања на градниот кош на лицето;
-ставете ги рацете една врз друга  на средината на градниот кош

-30 пати притиснете го градниот кош, потиснувајќи го за 5-6 сантиметри,со отсечни и ритмични удари.

-два пати дајте му вештачко дишење уста на уста (затворете го носот на лицето, ставете ја вашата уста на устата на жртвата, издишете еден нормален здив и следете дали ќе се крене градниот кош на жртвата, па почекајте градниот кош да се спушти и повторете ја постапката уште еднаш);
-продолжете со постапката на оживување додека да дојдат итните служби;
-повторувајте ја процедурата од 30 притискања на градниот кош и 2 пати вештачко дишење.

Ако процените дека не можете да ја изведете постапката или не сакате да давате вештачко дишење, масирајте го само срцето со ритмички притискања на градниот кош на жртвата со брзина од 100 до 120 притискања во минута.

Прва помош кај изгореници

Најпрвин е потребно веднаш да се отстрани облеката од изгорените површини. Потоа на нив треба да се истури ладна вода (никако премногу ладна и никако мраз!) или да се стават чисти ладни облоги 20 до 30 минути или подолго, ако болката е посилна и ако уште чекате помош. Ако изгореницата е на лицето, нанесете влажна крпа за да ја ублажите болката.

Ладењето ќе помогне кога и да започнете со него, иако е подобро со процесот да почнете што поскоро. Ако изгорената површина е голема, немојте да ја ладите подолго од неколку минути, тоа може дополнително да ја снижи телесната температура. Исто така, не се препорачува ставање на какви било други нешта од народната медицина, а доколку болките се силни, на жртвата можете да ѝ дадете лекови за регулација на болката.

Што ако изгорениците се од повисок степен?

Ако станува збор за потешки изгореници, спроведете ги овие мерки додека чекате итна медицинска помош:

-ставете го лицето да лежи и кренете го делот од телото што е изгорен;
-постапете исто како кај поблагите изгореници, отстранете ги облеката и накитот од телото,ако можете, а ако е потребно, исечете ја облеката за полесно да ја отстраните;
-во никој случај не допирајте ги раните и не продупчувајте ги плиците;
-продолжете со ладење со влажни стерилни облоги;
-ако изгорената површина е голема, покријте ја за да спречите дополнително спуштање на телесната температура.

Внимавајте!

  • Не отстранувајте ништо што е залепено за изгореницата бидејќи може да предизвикувате дополнителна штета и да се инфицира раната.
  • Не ставајте газа, завој или крпа директно на изгорената кожа.
  • Помогнете и на жртвата да седне или да легне. Ако е можно, обидете се да спречите изгорената површина да дојде во контакт со земјата.
  • Не допирајте ги изгорениците. Нежно отстранете ги прстените, часовниците, ременот, чевлите и облеката. Но никако не отстранувајте ја облеката што е залепена за изгореницата.
  • Кога изгореницата ќе се олади, покријте ја изгорената површина со пластична фолија за да ја заштитите од инфекција. Проѕирна пластична кеса може да се користи за покривање на изгорена рака или нога; прицврстете го лесно со завој.
  • Следете ги неговите витални знаци – ниво на свест, дишење и пулс – додека чекате да пристигне итна помош.

При пожар, задушувањето (инхалација на чад и токсични гасови) често е поопасно од самиот оган. Статистиките покажуваат дека повеќето жртви на пожари умираат од вдишување на чад, а не од изгореници. Ова се случува затоа што чадот содржи јаглерод моноксид, цијанид и други токсични гасови кои можат да предизвикаат губење на свеста и задушување за неколку минути.

Ако нечија облека е запалена, користете ги следниве чекори:Застани, фрли и тркалај.

Спречете ја жртвата да паничи и да се движи наоколу бидејќи секое движење ќе го зголеми пламенот.

Спуштете го повредениот на земја и завиткајте го во ќебе или тешка ткаенина како палто.

Свртете ја жртвата по земја додека не се изгасне пламенот.

Пожарите во затворен простор создаваат многу опасна атмосфера која има ниска содржина на кислород и висока содржина на отровни испарувања како јаглерод моноксид.

Како CO влијае на телото

Кога вдишуваме јаглерод моноксид, тој брзо поминува од белите дробови во крвотокот и се врзува за хемоглобинот, молекулата која го пренесува кислородот низ клетките. Бидејќи CO има многу посилна способност да се врзува за хемоглобинот отколку кислородот, тој ја спречува нормалната оксигенација на ткивата. Ова доведува до гушење на клетките, особено во виталните органи – мозокот и срцето.

Покрај тоа, јаглерод моноксидот може да дејствува директно како отров, нарушувајќи ги хемиските процеси во клетките и предизвикувајќи сериозна штета.

Симптоми на труење со јаглерод моноксид и како да ги препознаете

Симптомите зависат од нивото на CO во воздухот, времето на изложување и општата здравствена состојба на лицето. Високите концентрации на јаглерод моноксид може да предизвикаат:

-главоболка
-отежнато дишење
-конфузија
-слабост
-Неспретност и тешкотии при одењето
-гадење и повраќање
-брзо дишење и болка во градите
-промени во однесувањето и емоциите
-неправилна работа на срцето.
Без навремена медицинска помош, едно лице може да ја изгуби свеста, да доживее епилептичен напад, да падне во кома или да умре за неколку минути.

Итна помош и дијагностика

Доколку постои сомневање за труење со јаглерод моноксид, лицето треба веднаш да се однесе на свеж воздух и да се повика брза помош. Задолжително проверете ги пулсот и дишењето, а доколку лицето е во несвест, применете вештачко дишење.

Како телото се чисти од јаглерод моноксид?

Телото го отстранува јаглерод моноксидот од крвта преку белите дробови. На свеж воздух потребни се 4 до 6 часа за да се преполови нивото на CO во крвта. Ова време значително се скратува доколку лицето се стави на терапија со кислород, со што се зголемува внесот на кислород и се забрзува елиминацијата на CO. Често се користи хипербарична комора бидејќи третманот под висок кислороден притисок дополнително помага кај тешки случаи.

Закрепнување и долгорочни последици

Брзината и успехот на закрепнувањето зависат од сериозноста на труењето. Во благи случаи, симптомите исчезнуваат по неколку часа или денови, но потешките случаи може да остават долготрајни последици.

Можни компликации по труење со јаглерод моноксид се:

-проблеми со меморијата и концентрацијата
-нарушувања на расположението (депресија, анксиозност)
-главоболки
-слепило или губење на слухот (во ретки случаи)
-кај бремени жени – ризик од оштетување на плодот или церебрална парализа кај детето.
Луѓето кои претрпеле сериозно труење со CO може да имаат последици со месеци или дури со години по инцидентот.

Во некои случаи, рехабилитацијата вклучува физикална терапија и когнитивни терапии за обновување на менталната функција.

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање