
Во чест на Ацо Шопов, се одржа манифестацијата „Во чест на поетот“, а беа доделени и признанијата посветени на поетот. На неа беше промовирана книгата „Час по незадолжителна лектира“ од Весна Мојсова – Чепишевска. Промотор на книгата беше Иван Антоновски.
Во рамките на манифестацијата беше доделено и Признание за посебен придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Шопов. Признанието го добија Весна Мојсова – Чепишевска и проф. Д-р Блаже Китанов.
-Да се добие признание „Ацо Шопов“, а знаеме кој е Шопов, не само како поет, туку и воопшто како културен деец, како дипломат, за мене навистина голема чест, и благодарам на Домот на културата што ете од многуте луѓе ме издвои мене оваа година да го добијам признанието -рече Весна Мојсова – Чепишевска.
Професорот Блаже Китанов изјави дека речиси целиот живот го посветил на творештвото на Шопов.
-Ова за мене е најдрагото признание, затоа што речиси сиот живот го посветив на творештвото на Ацо Шопов. На него докторирав, објавив студија и повеќе статии. Ацо Шопов е безвременски поет. Тој не припаѓа само на одредено време, па да го заборавиме. Има еден стих во неговата поезија кој вели „мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна“. Реков дека Шопов е безвременски поет и неговата поезија е безвременска – потенцираше Китанов.