
Сара Панева од Факултетот за природни и технички науки и Бојана Тасева од Факултетот за информатика се двете студентки од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип кои оваа година го добија признанието „Инженерски прстен“, кое беше доделено од претседателката на државата на свечена церемонија во Охрид. И двете студентки истакнаа дека ова признание е симбол на целиот нивен труд, посветеност и желба кон науката. Признанието претставува двигател за студентките и мотив да продолжат да го збогатуваат своето знаење и да се усовршуваат за да може квалитетите да ги искористат кон унапредување на заедницата.
Сара и Бојана се истакнуваат како најдобри студенти од нивните области, но сепак патот до успехот никогаш не е без предизвици.
„Во текот на студиите се соочив со повеќе предизвици – од обемниот материјал и кратките рокови, до потребата да бидам постојано креативна и да најдам уникатни решенија. Понекогаш недостигаа ресурси или услови за практична работа, што бараше дополнителен труд и самостојно истражување. Но токму тие моменти ме научија на дисциплина, издржливост и на тоа дека секој предизвик може да се претвори во можност за раст.“, вели Сара.
Некои од овие предизици можеби и полесно би се надминале со истрајни решенија доколку би ги понудила државата. И двете студентки се согласни дека инкорпорирање на поголем дел практична настава е клучно за подобрување на студентскиот стандард.
„Би сакала образованието да биде повеќе поврзано со практичната работа и реалните потреби на индустријата. Студентите најмногу учат кога знаењето веднаш го применуваат во пракса, а државата може да помогне со повеќе стипендии, современа опрема и можности за практикантска работа.“, вели Бојана.
Сара и Бојана им порачуваат на идните студенти да останат истрајни и љубопитни, и да не се плашат од предизвиците кои ги носи студирањето. Тие истакнуваат дека секој треба да ја одбере професијата што ја сака бидејќи најмногу сила доаѓа од самата желба и мотив.
После студиите и двете студентки се стремат кон подобрување и усовршување во нивните области. Во иднина тие се гледаат како дел од проекти кои ќе имаат за цел да помогнат во развивање на заедницата.