
Прочка – „Проштевајте и ќе ви биде простено“, е она што го слушаме денеска преку целиот ден. Како што е редот, помалите бараат прошка од постарите за она што погрешиле. Дали знаете што всушност е празникот „Прочка“ и какви се традиции постојат низ градовите за овој празник?
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници и со Прочка започнуваат долгите Велигденски пости.
Во минатото, оние кои барале прошка најчесто носеле некаков подарок како алва, портокали… па така портокалот денеска уште е симбол за простување. Во Штип постојат семејства кои уште ја почитуваат оваа традиција.
Овој празник симболизира и богата трпеза кое кај претходните генерации завршувало секогаш со „амкање на јајце“ – традиција која била особено интересна за децата.
Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го дофатат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете.

Денеска во многу градови во нашата земја се организираат различни карневали кои имаат пагански карактер, ама пак го исполнуваат секојдневието со смеа и добро расположение.
Карневал Прочка – Прилеп – манифестација со маски кои не може да се видат на друго место. На карневалот можеше да се пријават луѓе од целата држава, а годинава ќе има повеќе од 500 учесници со поединечни и групни маски.
Струмички карневал – карневал со вековна традиција. Подготовките за овој карневал се започнуваат од почетокот на новата година со цел да може се да биде уникатно и посебно, а учесниците и посетителите да имаат посебно чувство. Карневалот има интернационален карактер и се вбројува во картата на светски карневали кој е посетен од туристи ширум светот.