Нова можност за матурантите кои не ги завршиле своите обврски за полагање на проектна задача во рамките на државна матура.

Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ
Станува збор за околу 1.600 матуранти кои не го положиле делот од државната матура што се однесува на проектната задача. Тие ќе имаат можност тоа да го направат до 19 мај годинава, односно до крајот на наставната година за матурантите. Учениците делот од државната матура поврзан со изработка на проектна задача требаше да го положат до 21 април.
Поместувањето на рокот, како што вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, е поради изгубените часови поради штрајкот, на што разбирање за состојбата покажале од Министерството за образование, од каде го подготвиле документот за измена на календарот, кој до крајот на неделата треба да се појави во Службен весник.
– Додека матурантите се во училишните клупи ќе се спроведе полагањето на проектната задача. За време на штрајкот пративме известување до училиштата, колку матуранти дотогаш не го положиле делот за проектна задача. Одговорот што го добивме беше дека тоа се околу 1.600 ученици, од околу 16 илјади пријавени матуранти за полагање на државна матура. Тоа се 10 отсто од пријавените матуранти. Бројка која не е мала. Во таа насока се предложи и продолжување на рокот – изјави денеска Наумовска.
Државна матура – рокот за проектните задачи продолжен до 19 мај
Според определениот календар, на 4 и на 13 јуни треба да има екстерно тестирање. Едниот испит ќе биде мајчин јазик, а за другиот учениците во гимназиите и стручните училишта бираат дали ќе полагаат странски јазик или математика.













