ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
04.05.2022
Продолжување на роковите за полагање државна матура
Автор: Goce Author

Нова можност за матурантите кои не ги завршиле своите обврски за полагање на проектна задача во рамките на државна матура.

Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ

Станува збор за околу 1.600 матуранти кои не го положиле делот од државната матура што се однесува на проектната задача. Тие ќе имаат можност тоа да го направат до 19 мај годинава, односно до крајот на наставната година за матурантите. Учениците делот од државната матура поврзан со изработка на проектна задача требаше да го положат до 21 април.

Поместувањето на рокот, како што вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар, е поради изгубените часови поради штрајкот, на што разбирање за состојбата покажале од Министерството за образование, од каде го подготвиле документот за измена на календарот, кој до крајот на неделата треба да се појави во Службен весник.

– Додека матурантите се во училишните клупи ќе се спроведе полагањето на проектната задача. За време на штрајкот пративме известување до училиштата, колку матуранти дотогаш не го положиле делот за проектна задача. Одговорот што го добивме беше дека тоа се околу 1.600 ученици, од околу 16 илјади пријавени матуранти за полагање на државна матура. Тоа се 10 отсто од пријавените матуранти. Бројка која не е мала. Во таа насока се предложи и продолжување на рокот – изјави денеска Наумовска.

Државна матура – рокот за проектните задачи продолжен до 19 мај

Според определениот календар, на 4 и на 13 јуни треба да има екстерно тестирање. Едниот испит ќе биде мајчин јазик, а за другиот учениците во гимназиите и стручните училишта бираат дали ќе полагаат странски јазик или математика.

Оние во уметничките училишта бираат меѓу странски јазик и филозофија или естетика. По овие т.н. екстерни испити, во училиштата се полагаат два интерни предмети.
Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци  во своите изјави за медиумите во текот на минатата недела најавуваше дека тимовите на сојузот ќе соберат предлози и барања како да се адаптира државната матура за сегашната ситуација.

Штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура минатата недела беше ставен во мирување, поради примена на Законот за мирно решавање на спорови. Според тој Закон, двете страни имаат рок од десет дна за изнаоѓање решение, по што ако се се постигне договор се доделуваат уште десет дена. Ако и тогаш нема договор, штрајкот пак ќе се активира.

Неделава продолжи наставата во основните и средните училишта се спроведува вообичаено, со ученици во училишните клупи.

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?