
Сите седум проекции за населението во Република Северна Македонија до 2070 година на Државниот завод за статистика (ДЗС) упатуваат на намалување на вкупното население во земјава.
Набљудувано по проекциски варијанти населението на земјата, од појдовните 1.832.000 во 2022 година, до крајот на проекцискиот период би се движело во интервал од 501.200 (константна варијанта), до 1.485.700 (варијанта без миграции).
Доколу ништо не се промени и останат параметрите од 2022 година вкупното население до 2070 ќе се намали на 1.3 милиони жители.
Проекциите се под претпоставка дека во земјата и регионот нема да има војни, ќе има нормална и стабилна внатрешнополитичка состојба, во првата половина на 2030-тите ќе се заврши процесот на асоцијација во ЕУ, ќе има економски развој и нема да има големи здравствени состојби.
Директорот на ДЗС Апостол Симовски, посочи дека проекциите на населението претставува моделирање на демографската иднина, базирано на претпоставки за движењето на морталитетот, фертилитет и миграции во дефинираните период, без утврдување на веројатноста на нивното остварување.
– Проекциите се алатка на креаторите на политики што ќе им помогне во носење на соодветни мерки, нагласи Симовски.
Претседателот на државата Стево Пендаровски, на промоцијата рече дека позагрижувачки од негативни демографски трендови, е да немате свесност за проблемот.
– ДЗС врз основа на резултатите од Пописот 2021 изготви проекција според која населението до 2030 би се намалило на 1,3 милиони. Од трите клучни елементи, стапката на фертилит, морталитет и миграција, најзагрижичувачки е третиот. Барем засега, кај нас најзагрижувачки е стапката на иселување, а не стапката на фертилит, изјави Пендаровски.
Според многумина, најголема причина за иселувањето е корупцијата, рече Пендаровски, посочувајќи дека се повеќе луѓе се иселуваат не поради ниската плата, туку поради квалитетот на животот.