Во периодот од 5 до 9 август 2024 година во Ловинац, Хрватска, се одржа проектот „Вештини за живот“. Настанот, организиран под покровителство на Еразмус+, соедини 60 млади од Хрватска, Северна Македонија, Србија и други земји на ЕУ за да разменат знаења и вештини во областа на екологијата, мобилноста и прифаќањето на различности.
За време на проектот, учесниците имаа можност да се запознаат со различни култури и перспективи, да учат нови вештини и да се вклучат во активности кои ќе ги подготват за активна улога во своите заедници. Активностите вклучуваа работилници, групни дискусии и проекти кои се фокусираа на личен и социјален развој.
„Цел ден беше исполнет со активности во природата, од утринско будење со марш до извидничките предизвици низ шумата. Импресионирана бев од уникатноста на скаутбол, кој не само што се разликува од традиционалните спортови, туку и ја поттикнува тимската работа, брзото размислување и снаодливоста во различни ситуации. Преку оваа игра, сите ние научивме како да се адаптираме на различни околности и да ги применуваме нашите извиднички вештини на иновативен начин, што додаде дополнителна вредност на целиот престој во Ловинц.“, вели учесничката Александра Данева.
Покрај животните вештини и снаоѓањето во природа, младите научија за важноста на тимскиот дух и соработка, како и меѓусебното помагање и почит.
„За време на овој камп, научив животни вештини кои ќе ми останат драгоцени во иднина. Најважно беше почитувањето на другите, што го почувствувавме секојдневно преку извидничкиот кодекс. Меѓусебната поддршка и соработка станаа нашето мото, особено при извршувањето на заедничките задачи и предизвици. Со тимска работа успеавме да изградиме доверба и солидарност, што ни овозможи да ги решаваме сите пречки со леснотија. Донесувањето одлуки во група беше посебен предизвик, но го совладавме преку внимателна анализа и уважување на мислењата на секој член, што ни покажа колку е важен тимскиот консензус во постигнувањето на заедничките цели.“, вели Александра.
Александра е и единствената претставничка од Извидничкиот одред Еквинокс од Штип, што за неа претставувало предизвик кој набрзо го надминала преку запознавање и вмрежување со другите извидници.
Ова искуство, Александра го користи да ги повика сите заинтересирани да се приклучат кон извидништвото и да се стекнат со вештини кои се од значење за сите.
„На сите што размислуваат да се приклучат на извидниците, би им препорачала да не се двоумат, туку веднаш да се зачленат. Извидништвото е неверојатно животно школо што нуди безброј позитивни искуства, авантури и нови пријателства. Преку учество во извидничките активности, ќе имате шанса да развиете важни вештини, да создадете незаборавни спомени и да се запознаете со многу луѓе кои ги делат истите интереси. Ова е пат што ќе ви донесе не само нови предизвици, туку и големо задоволство и личен раст. Не пропуштајте ја шансата да бидете дел од оваа прекрасна заедница и да ја искористите секоја прилика за развој и забава.“, вели Александра.