Во современиот свет, дијабетесот тип 2 сè повеќе се појавува како „тивка пандемија“, што бара итни мерки за превенција и навремена дијагноза.
Во ова интервју со проф. д-р Ивица Смоковски, ендокринолог, зборуваме за ризик-факторите, важноста на животниот стил, и потребата за едукација во борбата против дијабетесот. Професорот посочува дека „предијабетесот е состојба која бара итна промена на животниот стил“ и дава практични совети за заштита и подобро здравје.
Дијабетес мелитус или шеќерна болест претставува хронично заболување што се карактеризира со покачени нивоа на глукоза во крвта, од причина што глукозата во крвта не може да навлегува во клетките, каде се користи како основен супстрат за добивање енергија, односно за живот.
Дијабетес тип 2 во однос на бројот на засегнати лица претставува најголем проблем и кога велиме има пандемија на дијабетес, мислиме токму на овој тип што се карактеризира со инсулинска резистенција и релативен недостаток на инсулинска секреција. Преку 95% од лицата со дијабетес се засегнати токму од дијабетес тип 2.
Кај дијабетес тип 1 постои комплетно автоимуно оштетување на бета-клетките од Лангерхансовите островца во панкреасот што продуцираат инсулин и овие лица не можат да живеат без инсулинска терапија. Доколку вакво оштетување се јави кај повозрасни лица станува збор за LADA (Latent Autoimmune Diabetes in Adults).
Дијабетесот што се јавува при бременост се нарекува гестациски дијабетес.
Други специфични форми на дијабетес се: моногенетски (MODY – Maturity Onset Diabetes in Young), дијабетес при цистична фиброза, при заболувања на панкреасот, како резултат на лекарства (пр: кортикостероиди, имуносупресиви,…).
Секако, возраста е ризик фактор, односно како што старееме ризикот за појава на дијабетес се зголемува.
Потоа обезноста, обезноста е причина за инсулинска резистенција односно неможност периферните ткива да одговорат на постоечкиот инсулин, што прави панкреасот да создава повеќе инсулин. Така имаме состојба на хиперинсулинемија односно покачени нивоа на инсулин во крвта за да може глукозата од крвта да влезе во клетките, но ако нешто работи со прекумерен капацитет подолго време, побргу се исцрпува и резултира со дијабетес. Кога зборуваме за обезност или дебелина, мислиме на медицинската дефиниција преку индексот на телесна маса доколку е над 30 kg/m2, а доколку е од 25-30 kg/m2 зборуваме за прекумерна телесна тежина. Кај нас, за жал, калорискиот внес е значително зголемен во изминатиот период, за околу 20 год. средниот калориски внес по лице на ден е покачен за 50%. Нашата храна е богата со јаглехидрати, бело брашно, шеќер, сето тоа проследено со насоодветна физичка активност.
Предијабетесот е состојба помеѓу нормалната гликемија и дијабетесот, пр: ако гликемијата на гладно е од 6.1-6.9 mmol/L или ако 2 часа по тестот со глукоза, гликемијата е од 7.8-11 mmol/L или ако HbA1c е од 5.7-6.4%, значи не е нормално, но сè уште не е дијабетес и затоа оваа состојба ја нарекуваме предијабетес. При постоење на предијабетес, ризикот за преминување во дијабетес е многу голем, но постои можност со корекција на животниот стил тоа да не се случи или да се случи многу подоцна.
Гестацискиот дијабетес до 7 пати го зголемува ризикот за дијабетес кај жените во текот на животот. Пушењето е ризик фактор; психосоцијалниот стрес е исто така ризик фактор. Ризик фактор претставува и семејната предиспозиција.
Класичните знаци се зачестено мокрење, зачестено пиење вода, чувство на глад, сува уста, губиток на тежина.
Скрининг за дијабетес е потребен и кај лицата кои припаѓаат во следните категории:
Животниот стил претставува многу важен фактор за превенција на дијабетес тип 2. Тука се смета на умерен калориски внес и соодветна физичка активност со што би се превенирала појавата на прекумерна телесна тежина и обезност, што претставува една од најважните ризик фактор за појава на дијабетес. Секако треба да се избегнува зачестена консумација на храна богата со концентрирани јаглехидрати (пр: колачи, торти, итн) и т.н. ‘сода’ пијалоци, како и прекумерна употреба на тестенини што во голема мерка содржат јаглехидрати. Честата консумација на брза храна (пр: бургери, пица, wrap-ови, итн) исто така го зголемува ризикот за обезност и дијабетес. Во делот на исхраната преферирани се интегралните житарки и овесот, зеленчукот (пр: спанаќ, брокули, карфиол, домати, краставици, пиперки,…), легуминозите (пр: гравот, леќата, грашокот,…), овошјата, маслата со незаситени масни киселини (пр: маслиново масло), месото (пр: риба, пилешко или мисиркино, умерена консумација на црвено месо со избегнување на честа употреба на сланина, колбаси, шунки и други процесирани преработки).
Дополнително, неопходна е умерена физичка активност (пр: трчање, возење велосипед, пливање, фитнес центар,…), 3-4 пати неделно во времетраење од 30-60 минути, односно најмалку 150 минути неделно.
Избегнување на пушењето и справувањето со стресот се исто така многу важни за превенцијата на дијабетесот.
Да, за жал, семејната предиспозиција, односно генетиката има голема улога во појавата на дијабетес тип 2. Веројатноста за појава на дијабетес е многу повисока доколку блиските роднини се дијагностицирани со дијабетес. Но токму со правилниот животен стил преку соодветна исхрана, физичка активност, живот без цигари и со контрола на стресот, дијабетесот може да се одложи или превенира.
Дополнително, токму поради повисокот ризик предизивикан од семејната предиспозиција, неопходен е скрининг за дијабетес кај овие лица за навремена дијагноза и терапија со цел превенција на дијабетичните компликации.
Еден од најчестите митови е редовната употреба на шејкови кои содржат многу овошје, а со тоа и огромна количина јаглехидрати, при што секако чашата со шејк може да ја испиеме без проблем, но доколку се обидеме истата количина блендирано овошје да ја изедеме, тоа нема да може да го направиме. Дополнително се губат растителните влакна од овошјата кои се неопходно потребни за нашата исхрана. Значи се препорачува умерена консумација на овошје, но не во форма на шејкови.
Друг голем мит е дека стандардниот доручек кај голем дел од нашата популација што се состои од редовна консумација на тестенини (ѓеврек, бурек, пити, итн) е здрава животна навика. За жал, тестенините содржат голема количина јаглехидрати и многу често заситени масти и придонесуваат кон прекумерниот калориски внес, а со тоа и кон појавата на обезност и дијабетес.