Проф. д-р Ленче Милошева е клинички психолог и РЕБТ и КБТ психотерапевт, консултант во Неуромедика. Таа исто така е редовен професор на Факултет за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип. Поседува посебна лиценца за обавување на психолошка дејност во здравство и лиценца за психотерапевт од Комора на психолози на Македонија.
„Многу е важна информираноста на младите при избор на психотерапевт, затоа што погрешниот избор може многу да им наштети. Секој психолог или психијатар не е психотерапевт. Тоа е една од заблудите и неинформираноста која е присутна во нашето опкружување, а која посебно пред и за време на пандемијата ја злоупотребија некои лица претставувајќи се како психотерапевти. Исто така, и сите психолози не се клинички психолози и не се бават со таа научна област. Младите треба добро да се информираат дали тоа лице има завршен сертификат и акредитација од одреден модалитет (психотерапевтски правец) или има само завршено некоја година, обука и маркетиншки блескав сајт со објави по медиуми. Се чита професионалната биографијата на психотерапевтот и лиценците, акредитациите во релевантни европски и национални стручни асоцијации и тела.“, вели Проф. Милошева.
Младите посегнуваат по скапи алтернативи за да го сочуваат менталното здравје
Постои и Закон за вршење психолошка дејност. Според член 3. психолошка дејност може да вршат лица кои завршиле Факултет за психологија и имаат соодветна лиценца од Комората на психолози.
„Стигма е дека на психотерапија и психолошкото советување одат само личности со ментални растројства. Најранливите личности се всушност најсилните, тие од својата вулнерабилност ја црпат силата за доблестите. Сите имаме проблеми, но многу е важно што правиме со нив, односно како се справуваме. Од моето искуство во процесот на психотерапијата сè повеќе се вклучуваат и ментално здрави личности, кои имаат психо-социјални проблеми или, пак, едноставно сакаат подобро да се запознаат себе си и да го подобрат квалитетот на своето живеење“, вели Проф. Милошева.
Во одредени случаи младите само сакаат повеќе да се запознаат со себеси и да се снајдат во опкружувањето и предизвиците кои ги нуди животот.
„Психотерапија е научен-системски процес на креирање на увид и подобро разбирање на себе, своите уверувања, начинот на размислување, емоционално реагирање, однесување, градејќи капацитети за соочување кои овозможуваат преработка на доживеаните, но и спремност за носење со идни искуства. Младите доаѓаат по препорака од психијатар или на своја иницијатива, самостојно, зависно од проблемот и состојбата во која се наоѓаат. Најчесто, тогаш кога ќе видат дека нивниот начин на размислување, нивната психолошка динамика (вредности, уверувања, доживувања) не одат „рака под рака“ со секојдневието, не се функционални, немаат енергија да се изборат со тој животен период и предизвиците во него и тоа води кон лично патење, кога им треба поддршка и „продолжена стручна професионална рака“ за да пребродат некоја животна потешкотија.“, вели Проф. Милошева.
Професорката истакнува дека во текот на терапискиот процес, кој се одвива по строго одреден протокол, се користат многубројни когнитивни, емотивни и бихејвиорални методи и активности со голема посветеност и ангажман од страна на клиентот во сеансите и помеѓу сеансите, што значајно ја зголемува ефикасноста на овие методи. Крајната цел на терапијата е усвоените адаптивни обрасци на мислење да резултираат со видливи и стабилни промени во емоционалното реагирање и однесување на личноста. Со други зборови, ние не можеме да ги контролираме сите настани кои се случуваат, но можеме да имаме контрола над тоа како на нив емоционално реагираме.