ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
05.02.2026
Проф. Д-р. Стојковски: Внимателно со информациите за нови и „револуционерни“ лекови против рак

Во јавноста често се појавуваат вести за „револуционерни“ лекови против рак, особено кога станува збор за експериментални терапии тестирани кај животни. Како онколог, д-р. Игор Стојковски повикува на внимателен оптимизам. „Ова се вести што даваат надеж, но најодговорно е да се следат клиничките испитувања кај луѓе пред да зборуваме за ‘нов лек’ во секојдневна пракса“, нагласува докторот, објаснувајќи дека патот од лабораторија до болничка пракса е долг и строго регулиран.

“Одложувањето е најголемиот непријател на превенцијата, а раното откривање е најсилното оружје во борбата против ракот.”
Ова е една од клучните пораки што ги испраќа проф. д-р Игор Стојковски-директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, по повод Светскиот ден за борба против ракот, во интервју во кое зборува отворено за состојбата со малигните заболувања во Македонија, современите терапии и предизвиците со кои се соочуваат пациентите.

 

Според докторот, раната дијагностика прави суштинска разлика меѓу излекување и тешка, долготрајна борба со болеста. „Кога канцерот се открива во почетна фаза, шансите за успешно лекување се значително поголеми, терапиите се помалку агресивни, а квалитетот и должината на животот се подобри“, истакнува професор Стојковски, додавајќи дека кај одредени видови рак раното откривање може да значи и целосно излекување. Сепак, најчеста грешка што ја прават граѓаните е одложувањето на прегледите и потценувањето на ризикот. „Многумина сметаат дека ако немаат симптоми, нема потреба од лекарски преглед, иако токму канцерот во рана фаза најчесто поминува без јасни знаци“, вели д-р. Игор.

Бројките, според податоците од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, се загрижувачки. Само минатата година биле регистрирани 5.425 нови пациенти, а најчести се канцерот на дојка, дигестивниот систем, белите дробови и простатата. Доктор Стојковски појаснува дека порастот на бројот на случаи се должи на повеќе фактори, меѓу кои повисоката просечна старост на населението и подобриот пристап до дијагностички процедури, но и влијанието на животните навики.

Треба да бидеме внимателни кога се појавуваат нови и „револуционерни“ лекови против рак

Во јавноста често се појавуваат вести за „револуционерни“ лекови против рак, особено кога станува збор за експериментални терапии тестирани кај животни. Како онколог, Стојковски повикува на внимателен оптимизам. „Ова се вести што даваат надеж, но најодговорно е да се следат клиничките испитувања кај луѓе пред да зборуваме за ‘нов лек’ во секојдневна пракса“, нагласува докторот, објаснувајќи дека патот од лабораторија до болничка пракса е долг и строго регулиран.

Современата онкологија, според него, сè повеќе се движи кон персонализиран пристап. Наместо „еден лек за сите“, терапијата се прилагодува според биолошките и генетските карактеристики на туморот. „Денес постојат јасни примери каде ваквиот пристап значително ги подобрува резултатите, со помалку несакани ефекти и подобар квалитет на живот“, вели професор Игор, додавајќи дека дел од овие терапии и анализи се веќе достапни и во Македонија.

Но, лекувањето не е единствениот предизвик. Онколошките пациенти се соочуваат со комбинација од медицински, психолошки и системски проблеми. Доцната дијагноза, стравот, анксиозноста и организациските потешкотии често се преклопуваат и го отежнуваат целиот процес. „Најголемиот товар за пациентите настанува токму кога овие проблеми се надополнуваат“, предупредува професорот.

Пораката што проф. д-р Игор Стојковски ја упатува до граѓаните е јасна и недвосмислена: „Раното откривање спасува животи“. Тој апелира граѓаните да не се плашат од прегледите, туку од одложувањето, и да ја сфатат грижата за сопственото здравје како лична одговорност, но и чин на грижа кон семејството и заедницата. „Довербата во медицината и навремената дијагноза прават реална разлика“, порачува доктор Игор Стојковкси, потсетувајќи дека борбата против ракот не е само медицинска, туку и општествена.

Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап
Кочани ќе одбележи една година од големата трагедија