ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.10.2022
Професор разви методологија за проценка на можноста за производство на струја на секој кров во Македонија

Доц. д-р Ванчо Аџиски од Факултетот за природни и технички науки на УГД преку користење на технологија и софтвери кои се со слободен пристап, успеа да развие методолгоија за проценка на соларниот енергетски потенцијал. Станува збор за методологија преку која може да се направи проценка на потенцијалот кој го имаат крововите на индивидуалните или колективните згради.

Доц. д-р Ванчо Аџиски

Во овој научен труд е предложена методологија за проценка на соларниот енергетски потенцијал на крововите која се базира на LiDAR технологија (анг. Light Detection and Ranging ) и ГИС софтвер (анг. Geographic Information System-GIS). Предложената методологија е аплицирана на мала територија во Град Скопје и резултатите од студијата се претставени на мапа во која се прикажани крововите кои се најпогодни (оптимални) за инсталирање на фотоволтаични (PV) системи, вели доц. Д-р Аџиски.

Мапата е пример како би можело да се креира т.н. соларен катастар во Македонија преку кој секој граѓанин да има информација од слободен пристап за потенцијалот кој го има неговиот кров. Ова значи и можност државата да креира соодветни политики базирани на докази и наука, за искористување на потенцијалот и производство на струја во енергетска криза која и се заканува на земјава и светот.

 

а) Point cloud од анализираната област b) Дигитален Теренски Модел (DTM) c) Дигитален Површински Модел (DSM)

Со обработка на DSM и DEM моделите во QGIS софтверот се прави сегментација само на крововите кои се и цел на оваа анализа.

За зголемување на точноста во лоцирање на овие оптимални области е вклучена и анализата за падот на сенката врз овие кровови со што се земени во предвид и можните сенки кои ги генерираат повисоките објекти врз пониските со што значително би се намалила ефикасноста на фотоволтаичните системи.

 

Анализа на падот на сенката во секоја годишна сезона. а) Пролет b) Лето c) Есен d) Зима

Како последен чекор во QGIS софтверот е правење на пресек помеѓу датотеката во која се селектирани само оптималните кровови и годишната сончева ирадијација на анализираната област со што се добива финален растер со кој може да се направи пресметка за можната потенцијална излезна енергија на инсталираните фотоволтаични системи, вели Аџиски.

Финален растер за пресметка на потенцијална излезна енергија на инсталираните фотоволтаични системи

Оваа студија може да биде аплицирана на поголема површина како на пример цела Општина. Бидејќи методологијата се базира на ГИС систем истата може да биде поставена и на веб платформа. Со оваа интерактивна веб платформа секој  граѓанин ќе може да го селектира својот кров и да добие информации за потенцијалот и оптималната површина за инсталација на овие фотоволтаични системи. Во делот на излезните информации од оваа веб платформа во соработка со енергетски експерти истата може да се прошири во повеќе сегменти. На пример законската регулатива, технички параметри (електрични броила, панели, батерии и сл.), времетраење за поврат на инвестицијата итн. Професорот Аџиски се надева дека оваа истражување ќе побуди интерес кај властите или одговорните лица за да се прошири на повеќе општини или да се организира поголем проект од кој бенефит би имале сите граѓани.

Линк до студијата: https://dergipark.org.tr/en/pub/ijeg/issue/73074/1112274

Науката открива: Дружењето навистина го продолжува животот
Македонските научници на едно место: Порталот „е-наука“ може да ти донесе меѓународна соработка, бизнис-партнери и финансирање