Секоја година, во последната недела од април, Европа ја одбележува важноста на имунизацијата преку обележување на Европската недела на имунизација. Во време кога се соочуваме со предизвици како што се пандемијата на COVID-19 и ширењето на инфективни болести, имунизацијата игра клучна улога во заштитата на јавното здравје и спасувањето на милиони животи. Оваа недела служи како прилика да се зголеми свесноста за значењето на вакцините и да се поттикнат луѓето да се заштитат себе си и околината со редовно примање на вакцините.
По тој повод, разговараме со проф. д-р Сотирија Дувлис, имунолог и вонредна професорка на Факултетот за медицински науки при УГД-Штип.
Навремената имунизација има низа придобивки за одржување на јавното здравје. Пред сѐ, тоа е единствениот начин за држење под контрола на можни инфекции или пак епидемии од причинители кои со децении биле искоренети, кои во минатото неретко резултирале со појава на многу тешки животно-загрозувачки последици, па дури имале и смртен исход. Особено ја истакнувам навремената имунизација што подразбира придржување кон пропишаниот вакцинален календар и временски интервали, во кој период од детската возраст која вакцина треба да биде спроведена. Овие интервали се резултат на опсежни истражувања во однос на зрелоста на имунитетот на новородените и децата и компонентите на вакцините кои најдобри резултати даваат токму ако навремено се аплицирани. Истото е особено важно за заштита на младиот и недоволно созреан имунитет на новородените, кој тешко би можел самостојно да се справи со различни инфективни причинители и кој во различни периоди од постнаталниот развој, различно одговара на различни вакцинални антигени. Имено потврда за важноста на навремената вакцинација е токму актуелната состојба со епидемијата на големата кашлица предизвикана од Bordetella pertussis во нашата држава. Сведоци сме на сликите и тешката состојба со која се справуваат новородените во болничките услови и колку долго трае и е исцрпувачка за децата состојбата, но од која потешки последици може да имаат и други имунокомпромотирани лица. За потсетување е и состојбта со малите сипаници пред неколку години (2018 и 2019 година) кога бевме сведоци на масовно ширење на инфекцијата меѓу невакцинираните и компликациите предизвикани од неа, а кои долги години беа отсутни на нашите простори.
Индивидуалната и колективната свест се најважните фактори за разбирање на значајноста на вакцинацијата. Децении наназад во минатото, особено генерациите од шеесеттите, седумдесетите, осумдесетите никогаш не размислувале за вакцинацијата како спорен пристап за здравствена заштита, впрочем напротив тоа беше ера кога вакцините се прифатени и применувани како една од најзначајните откритија и придобивки од развојот на медицинската наука. Откритието и првото производство на вакцините од Луј Пастер со векови е респектирано, ценето и практикувано како револуционерно откритие на науката за запирање на многу зарази кои коселе човечки животи во минатото (колера, вариола, шпански грип) и благодарение на нив човештвото долго време уживаше во резултатите од нивната примена. Доволно е да се фрли поглед на минатите времиња, да се прикажат резултатите на вакцинацијата во скорешното минатот и да се споредат состојбите со компликации од инфекциите кај невакцинираните денес, за да се врати општата доверба.
Повеќе би сакала да зборувам и да ги набројувам придобивките од редовната и навремената вакцинација, а со тоа и глобалното искоренување на некои заболувања како што е искоренување и прогласување на морбили, рубеола, полиовирус–ослободени држави, што значи со години отсуство на потврда на случај од овие болести во државите. Тоа значи нула случаи на парализа, последица од Полиовирус-инфекција, нула случаи на новородени со конгенитални аномалии и компликации последица на рубеола, нула случаи на тешки комплкации последица на морбили-вирусна инфекција, итн. Тука би ја споменала и визијата на СЗО за Хуман папиломавирус (ХПВ) глобално ослободени држави до 2030 дококу се воспостави пол-независна и навремена вакцинација со ХПВ вакцината во сите држави во светот. Овој пристап би бил и глобален успех во борбата против еден чест причинител на неколку вида малигни заболувања (цервикалниот, аналниот карцином и канцерот на глава и вратот) и би се постигнал огромен успех во поглед на растеретување на цивилизцијата од еден значаен здравствено и економско оптеретувачки фактор.
Одредување и проценка на имунитетот е комплексна работа за да може да се генерализира на ниво на популација и општо кон различни причинители. Многу фактори од генетиката до надворешните фактори имаат свое влијание пред сѐ на еден индивидуален имунитет. Нормално е да се очекува дека со глобалните еколошки промени настануваат и еволутивни промени на ниво на геномот на различни патогени, нивна адаптација на условите како и промени во моќта за потикнување на болест на човечкиот организам. Тоа впрочем и беше состојбата со SАRS-CoV-2 вирусот, но и многу други вируси, како грипот и некои бактерии. Tоа понатаму не значи дека има опаѓање на општиот имунитетот на популацијата, туку ново соочување со нови непознати или стари генетски изменети напаѓачи. Токму ова е и причина повеќе да биде применета вакцинацијата со што ќе се намали можноста за нови промени и варијации на различните патогени.
Имено, прашањето би го преформулирала повеќе како недостаток на колективен имунитет кон одредени патогени како резултат на пропусти и празнини во вакцинацијата во одредени временски периоди, во одредена детска возраст за чии последици сме сведоци. Да, се согласувам дека кон некои вирусни и бактериски причинители колективниот имунитет е недоволен токму поради овие пропусти. Како последица на тоа може да настанат компликации од инфекциите во секоја возрасна група, а особено кај најранливите категории–невакцинираните новородени, хроничните болни и стари лица и од разни причини имунокомпромитирани лица.
“Да, апсолутно се согласувам. Колективниот имунитет е единствениот начин за заштита на глобалното здравје од вакцина-превентибилните болести. Враќањето на довербата кон вакцинацијата како најмоќна алатка за заштита на населението од заразни заболувања и нивните последици, преку јавни, исцрпни, разумни дискусии и дебати, сметам дека е вистинскиот пристап за постигнување на глобален успех и остварување на конечната цел.”