
Излагање ПО ПОВОД 150 ГОДИШНИНА ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
проф. Кирил Барбареев
Факултет за образовни науки – Штип
Како личноста на еден учител, како една педагогија, која е педагогија на умот, срцето и душата на еден народ, преку личноста Гоце Делчев може во многу краток временски период да направи толку пресвртници, кои реално ги трансформира животите и околностите на македонскиот народ.

Клучната вредност на педагогијата – зошто таа има толку силна моќ е во нејзиниот стремеж за развивање на навики на умот коишто постојано преиспитуваат и критички размислуваат. Тука лежи моќта на педагогијата да создава нова култура, да создава мисли и средина, да создава атмосфера втемелени на тековите на современото граѓанско општество кое прифаќа различност, индивудуални ставови, чувство за заедништво, солидарност и други хуманистички вредности.
Гоце Делчев е пред се учител, педагог, тој иако има друго образование (воено), македонската педагогија треба да се гордее и тој треба да има посебно место во педагогијата на Македонија и светот. Тој припаѓа на правецот на т.н. критичка (револуционерна) педагогија многу порано пред основачите и силни застапници како што се: Питер Мекларен (Канаѓанец), Пауло Фреире (Бразилец), Хенри Гириру (Американец), кои многу се потпираат на филозофските предлози на Карл Маркс.
Во што е суштината на оваа педагогија. Таа се потпира на важноста да ги учат учениците да се вклучат и да учествуваат во она што се случува околу нив, особено во однос на социјалните прашања. Затоа, оваа педагогија е замислена од идејата дека процесот на учење е дел од акцијата и општествената трансформација на поединецот.

Во рамки на критичката педагогија, секој педагошки однос воедно е и политички, а еманципациското дејствување не се состои од надворешното структурирање на еманципираното битие туку од ко-еманципацијата на учителите и подучуваните (Петар Јандриќ).
Затоа, визијата на Гоце Делчев, неговиот личносен пример, неговите ставови, размислувања, неговиот пристап во поучувањето се сосредоточени во народот и обратно, народот е во нив. Затоа му верувале. Тој не убедувал, туку уверувал.
На пример, изворите и сведоштвата ни покажуваат дека т.н. учителска тројка, Гоце Делчев, Дамјан Груев, Туше Деливанов, го пресоздава Штип и Ново село, како тврдина и опитно поле на револуционерната педагогија. Суштината е што тој ги револуционизира умот и срцето на луѓето како неопходен услов за успех на револуцијата.
Истакнувал дека: “Неопростиво е за нас, издигнати духовно повисоко, да трпиме и тегнеме и да чекаме други да не ослободуваат.”
Таква оформена личност, со јасен мироглед на светот, се раѓа еднаш во столетието, но едновремено и се гради во домот на своите родители и во средината во која живее и се развива. Тоа е неговата педагогија, која треба да ја препознаеме како револуционерна и прогресивна многу порано од многу други.
Неговиот ум е преполн со толку мисли и желби, што верувал дека може да го прероди светот и во него да блеснат слободата и правдината.
Неговите клучни ставови се идентични со ставовите на Че Гевара и Поуло Фреире, тие имаат ист став за суштината на образованието и културата – „слободата не се состои во тоа да ги ослободиш луѓето од окови, туку колективно да ги подготвиш самите да се ослободат“.
Критичката педагогија не е само теорија и филозофија на образованието, туку цело општествено движење кое е фокусирано на праксата. Тоа е движење, водено од страста и принципите, кои и помагаат на учениците да развијат свест за слободата, да препознаат авторитарни тенденции и да го поврзат знаењето и моќта со способноста да делуваат конструктивно (Анри Жиру).
Оттука, просветната и културна мисија на Гоце Делчев не е реликт на некое минато време туку патоказ за иднината која ја заслужуваме и по која трагаме. Ние сме пред истите предизвици и после 150 години како народ, но денес нашата револуција треба да е во моралот, образованието и науката, тоа е издигнување на друго културно ниво, кое е потребно за еден решителен пресврт на односите во македонската стварност. И една од задачите на педагогијата е токму тоа.

Колку и да сака некој да ја фрли Македонија во делот на ѓубрето на цивилизацијата, ние сепак сме расадник на идеи за подобар свет. Отсекогаш сме имале учители. И тоа добри и со визија. Примери на универзумот. Неговата мисла “ЈАС ГО РАЗБИРАМ СВЕТОТ ЕДИНСТВЕНО КАКО ПОЛЕ ЗА КУЛТУРЕН НАТПРЕВАР МЕЃУ НАРОДИТЕ”, е визија за образованието и културата во светот, затоа тој така самопрегорно го прегрна учителскиот позив и културно-просветната мисија, бидејќи за вистински родољуб, патриот и револуционер, друг пат нема.
Дали во оваа мисла како генерации во 21 век и како аманет можеме да препознаеме дека Гоце Делчев бескомпромисно не потсетува и покажува дека патот на промена на личноста, е можен само преку образование и култура, и дека тоа има смисла единствено ако доведува до промена на светот.
Проф. Барбареев: Образованието во 21 век – промената е единствената константа
Нашата борба за македонскиот идентитет и јазик со кој се соочуваме и денес е борба на секојдневна работа и многу труд, идентитетот не е само збор. Дали нашата мисија како наставници и професори, како образовни институции е примерот на оваа педагогија на Гоце – да развиваме критички став кон општествените односи, да создаваме генерации со силна самодоверба и знаење, генерации кои честа и достоинството им се поважни од сè друго. Тоа е педагогијата на умот, срцето и душата на македонскиот народ.
Но, тоа може да го направи педагогија која не е бавна, закочена и инфериорна, и која ќе има храброст да создаде атмосфера за нова визија на образовен систем. Таа визија за нова педагогија е потреба заради одржување на државата.
Автор: Проф. Д-р Кирил Барбареев