
Протест по повод последниот случај на фемицид во Велес ќе се одржи денеска (18 септември) во Скопје. Местото е пред МВР, а половина час подоцна, во 18 часот и во Жена Парк Борец. Граѓански организации повикаа на протест против колективниот крах на системот и игнорантниот однос на надлежните, полицијата, обвинителството и судовите кои дозволуваат да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди и покрај пријавувањето и повиците за помош и заштита.

Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите.
Дополнително, покрај сериозната некоординираност и затајувањето на институциите надлежни за справување со насилството врз жените, кон фемицидите придонесува и молкот, родовите стереотипи и дискриминацијата, стигмата, срамот и немањето чувство за колективна одговорност. Вртење на главата на страна кога сме сведоци на насилство и ставот дека „тоа не е наша работа“ се уште еден показател за тоа колку сите придонесуваме насилството не само да се случува постојано, туку и да ескалира, а насилниците да продолжат да живеат слободно и да просперираат.
Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени. И покрај пријавите за насилство и заканите по живот од поранешни или сегашни партнери, напорите на сите убиени жени за да живеат безбедно и слободно не биле слушнати.

„Во последните години, фемицидот во земјава останува црна статистика која предупредува на системски пропусти и општествена рамнодушност. Според достапните податоци, само во последните пет години изгубивме најмалку 20 жени како кулминација на повторени епизоди на родово базирано насилство. Во ваква средина, секоја жена што во моментов се соочува со вознемирување, насилство, закани и/или демнење го носи ризикот да стане жртва на фемицид доколку институциите не постапат навремено во нејзин интерес и заштита.“ се вели во најавата за протестот.
Во 2023 година, С. Македонија ги измени одредбите на Кривичниот законик и за прв пат конкретно ги дефинираше и криминализираше фемицидот, осакатувањето на женските гениталии, прогонувањето и сексуалното вознемирување. Овие измени беа поздравени како чекор напред во регионалните напори за препознавање на фемицидот, при што С. Македонија стана првата држава во Западен Балкан што го криминализира фемицидот и воведе нови кривични дела поврзани со родово базирано насилство.
Казните за злосторства над девојчиња и жени мора да се повисоки
Сепак, најновиот случај покажува дека самата законска рамка не е доволна без ефикасно спроведување, соодветни протоколи и одговорност на институциите и поддршка од заедницата. Токму затоа нашата заедничка реакција, повикот на протест и барањата се насочени кон четири области:
Измените на Законот за полиција лоши за безбедноста на жените