ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.09.2025
Првиот ден на факултет никогаш не изгледа како на филмовите… еве ја вистината

На 1 – ви Октомври започнува новата академска година која е исполнета со возбуда, но и страв од непознатото. Холивудските сцени првиот ден на факултет го претставуваат како највозбудлив во животот, исполнет со авантури што започнуваат уште од првиот час, пријателства за цел живот и незаборавни забави. Но, реалноста е малку поинаква, проследена со страв од тоа дали воопшто ќе најдеш пријатели и „дали е ова патот по кој што сакам да продолжам во иднина?“. Првиот ден од академската година е предизвикувачки, но затоа е првиот чекор од едно поглавје со среќен крај.

Милена и Анастасија

„Првиот ден пристапив со голема возбуда, пред сè поради новата средина, запознавањето со колегите и професорите и целото искуство што дотогаш ми беше непознато. Сепак, паралелно со таа возбуда постоеше и доза на несигурност, се прашував како ќе се соочам со предизвиците, како оваа нова етапа ќе се одрази врз мене и мојот личен раст“, вели Милена Милорадова, студент на Општа медицина, при УГД – Штип.

Првиот ден на факултет не мора да го покажете вашето знаење, тоа е прилика да се запознаете со колегите, професорите и средината што ќе ве опкружува. Треба да сте отворени за нови познанства, искуства и сѐ она што го носи академскиот живот.

“Вашиот прв академски ден е првото скалило од патот за остварување на сонот за вашата идна професија. Секој почеток е предизвик, но верувајте – колку што е потежок патот до целта, толку е посладок вкусот на успехот. Очекувајте мешавина од возбуда, неизвесност и многу прашалници. Не двоумете се да побарате помош, тоа не е слабост, туку мудрост. Универзитетот е расадник на нови пријателства, место каде се стекнуваат трајни знаења и ви се отвораат нови хоризонти. Искористете ги сите прилики кои ќе ви се отворат по патот на студирањето“, вели Милорадова.

Милена Милорадова

Искуството за првиот ден на факултет е индивидуално за секого, додека едни се возбудени за стекнување на нови знаења и искуства, други стравуваат од непознатото кое го носи академскиот живот.

“Како студент на медицина првиот ден од факултет го имам доживеано од неколку аспекти. Првото соочување со академскиот живот беше првиот академски час, маестрална организација и можност за бруцошите за воведување во ново поглавје од нашите животи. Одлична можност за запознавање со колегите, студентски организации, начинот на одвивање на наставата. Настанот ги исполни сите мои очекувања, затоа што ги добивме сите потребни информации околу студирањето и позитивната енергија се чувстваше насекаде околу нас. Првото предавање за жал ни беше онлајн. Чуден факултетски почеток, но мораше да се прилагодиме, дефинитивно сите посакувавме првото предавање да ни биде во полн амфитеатар. Сепак првото предавање по мојот омилен предмет Хемија ќе остане длабоко врежан во моето сеќавање. Професорите и асистентите иако онлајн ни посакаа топло добредојде и ни ги доближија сите предизвици и убавини на студентскиот живот. И за крај, како вистински студент за првпат се почуствував кога се оддржуваа првите вежби по Анатомија 1. Тогаш за првпат имав можност одблиску да се запознаам со моите колеги и со кои се надевам ќе се дружиме и во наредните години. Сите три искуства кои ги имав беа прекрасни и ги исполнија сите мои очекувања“, вели Анастасија Арсова, студент на Општа медицина при УГД-Штип.

Анастасија Арсовa

Понекогаш очекувањата кои ги имаат бруцошите за првиот академски ден може да бидат нереални, поради тоа што се инспирирани од факултетскиот живот во филмовите кои е многу поинаков од реалниот. Наместо само забави, авантури и дружења, ова поглавје од животот е исполнет и со многу предизвици, испити и многу литература.

„Во филмовите, факултетот често е прикажан како постојано возбудлив, полн со забави и драми, каде што испитите изгледаат како мала епизода во споредба со дружбата. Во реалноста, факултетскиот живот многу повеќе зависи од самостојно учење, организација на време и справување со секојдневни обврски. Забавата постои, ама е многу помал дел од целата слика“, вели Арсова.

Од Штип до 60.000 следбеници: Студентка создаде заедница што ги мотивира студентите ширум светот
Младите во Хрватска ќе добиваат по 100 евра за посета на културни настани