ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
10.12.2024
Психолог Манева: Социјалните мрежи „меч со две острици“ за менталното здравје на младите

Периодот на адолесценција претставува период кога младите минуваат низ многу психички и физички промени и преоди. Се опишува како период на транзиција од дете кон возрасен и со самото тоа се изразени и чувства на конфузија, несигурност и одредување на “сопственото јас“. Според лиценцираниот психолог, Гордана Манева, дигиталната ера и социјалните мрежи со сигурност играат улога кај развојот на младите:

Гордана Манева

Балансирањето помеѓу времето поминато на социјалните медиуми и реaлниот социјален живот е сѐ поактуелна тема, особено во време кога социјалните мрежи станувааат начин на комуницирање кој што е доминантен дел од животот на голем број луѓе.  Како последица на тоа социјалните мрежи имаат огромно влијание  на социјалните интеракции, на менталното здравје и на целокупната благосостојба на младите.

Квалитетот на социјалниот живот  значајно влијае врз менталниото здравје и чувството на задоволство и исполнетост. Но доколку оваа потреба за комуницирање, не се задоволува на адекватен начин може да дојде до доживување на стрес, анксиозност, осаменост, чувство на безвредност, отфрленост, депресивност.

Комуникацијата во виртуелниот свет нуди одредени предности, но сепак не треба да се сфати како замена за реална комуникација лице в лице.

Користењето на социјалните мрежи нуди можност за одржување на контакти и лесна и брза комуникација на физичка дистанца, можност за одржување на релации и контакти со луѓе или групи со слични интереси, можност да се испрезентира одредена креативност на поширока популација, како и  виртуелните групи за поддршка, кои се значајни особено за оние кои немаат поддршка во своето најблиско опкружување. Лесниот пристап до информации  и  едукативни содржини може значајно да заштеди време на пребарување за да се дојде до соодветна информација.

Но сепак, многу истражувања покажале дека прекумерното користење на социјалните мрежи може значајно да се одрази на самодовербата на младите луѓе, кои се во процес на формирање на својот идентитет. Дури и кога постои свесност дека она што го гледаме претставува идеализирана и нереална слика на нечиј живот или само на одреден сегмент, сепак многу често се појавува чувство на несигурност и  незадоволство од сопствениот живот.

Младите кои прекумерно ги користат социјалните мрежи и имаат развиено зависност од нив, се соочуваат со зголемен ризик да се изолираат од своите реални и непосредни контакти што, пак води до ризик од појава на одредени емоционални реакции и потешкотии во реалната комуникација.

Социјалните мрежи се погодно тло и за различните видови на насилство. Врсничкото насилство многу често започнува со сајбер насилство, кога жртвите се изложени на виртуелно ширење на лаги, трачеви, фотографии, навредливи коментари и исфрлување од групи.

Интернетот може да влијае и позитивно и негативно, во зависност од тоа како се користи.

Балансирањето на употребата на технологијата и промовирањето на здрави навики на интернет се од суштинско значење за ублажување на негативните ефекти додека истовремено се искористуваат  и позитивните.

Трендот на нарушено ментално здравје кај младите, но и кај општата популација е во пораст.

Според Светската здраствена организација 970 милиони луѓе на светско ниво страдаат од нарушено ментално здравје, а најзастапени состојби со кои се соочуваат младите од дијагнозите се анксиозноста и депресијата. Покрај влијанието од социјалните мрежи, кај младите влијае и самото опкружување, но и академскиот стрес како причини.

„Многу е тешко да се каже дека постои еден ”виновник” за нарушеното ментално здравје кај младите. Идентификувањето е доста сложено, бидејќи делуваат повеќе фактори истовремено. Но сепак како главни причинители се општествениот амбиент и високите очекувања во однос на академските перформанси и успех во кариерата, кои им причинуваат значителен стрес, а не помало влијание имаат и социјалните медиуми кои преку нереалното прикажување на животот доведуваат до споредби и предизвикуваат чувство на намалена самодоверба, осаменост и изолација.“, вели Манева.

Клучно е во ваквите моменти, младите да осознаат дека им е потребна помош, и да не дозволат стереотипите да влијаат врз тоа.

За да побараат помош, многу е важно младите да бидат свесни дека помошта им е потребна или пак да имаат поддршка од семејството и опкружувањето.  За почеток може да се поразговара со блиска личност за чувствата кои се доживуваат, доколку не постои веднаш подготвеност за разговор со стручно лице.

Кога зборуваме за свесноста да се побара професионална помош, би ја споменала важноста на навременото барање на помош што може да доведе до поефективен третман и да спречи ескалација на симптомите. Раната интервенција може да ги подобри долгорочните резултати. Професионалците за ментално здравје можат да обезбедат стратегии и алатки за справување со симптомите, што може да ги поттикне младите поефикасно да се справуваат со предизвиците.

Иако трендот за грижа за менталното здравје на младите е во подем, сепак борбата со стереотипите од околината се уште е актуелна. Барањето на психолошка помош е знак на сила и практикувањето на отворени дискусии и споделување на точни информации за менталното здравје може да помогне да се намали стигмата. Вклучување во иницијативи за подигање на свеста за менталното здравје, опкружувањето со пријатели, семејство или групи за поддршка кои ги разбираат предизвиците може да ги зајакне младите луѓе и да помогне во промената на перцепциите во нивните заедници.

Фотографијата како сведок на времето: Изложба „Широк Агол“ во Штип
Дамјан Давков победник на најголемиот математички натпревар UltiMATH