ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
15.01.2025
Работилница за справување со дезинформации: Аплицирајте за обука, платено практикантство и можна посета на САД
Автор: Goce Author

Од 19 до 21 февруари во Тетово ќе се одржи тридневната обука на тема Справување со дезинформации. Конкурсот за оваа работилница е во тек и на него може да се пријават сите млади – студенти, новинари, членови од граѓанскиот сектор и останатите кои се заинтересирани за оваа тема и се на возраст меѓу 18 и 29 години, а своето учество може да го пријават на следниот линк до 5 февруари. Меѓу обучувачите на работилницата ќе бидат и еминентни новинари од САД и истата ќе се одржи на англиски јазик.

Фото: Мета.мк

Работилницата ја организира Фондацијата Метаморфозис во партнерство со Меѓународниот центар за новинари (International Center for Journalists) во рамки на програмата „Новинарство за новата генерација“ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, која се спроведува трета година по ред.

Главната цел на работилницата за Справување со дезинформации е учесниците да научат како да препознаваат и да разоткријат дезинформации и преку практична работа и споделување на знаење и искуство од врвни професионалци од земјата и од САД. На оваа работилница обучувачи ќе бидат Тод Хелмус, професор од меѓународната организација РАНД, Владимир Петрески, главен уредник на порталот Вистиномер.мк, како и Деспина Ковачевска, аналитичар и медиа монитор во Фондацијата Метаморфозис.

Ова е од исклучителна важност бидејќи живееме во време кога се шират сè поголем број на лажни информации и дезинформации на социјалните мрежи, што понатаму доведува до сериозни општествени последици по јавноста и јавниот интерес.

Годинава ова е втора од серија од три работилници, од кои првата беше во ноември минатата година на тема Новинарство базирано на податоци, а третата е планирана да биде во април (2025) на тема При-банкинг.

Шесте најдобри учесници од трите работилници ќе имаат можност за едномесечно платено практикантство во една од трите медиумски организации на Фондацијата Метаморфозис – Вистиномер, Мета.мк и Порталб.мк. А, двајцата најдобри практиканти ќе може да заминат на еднонеделна платена студиска посета на Меѓународниот центар за новинари во Вашингтон, САД.

Извор: Мета.мк

Бесплатни часови по математика, физика, хемија и биологија за матуранти
Натпревар за студенти и дипломирани новинари – наградата е патување во Франција и Белгија