
Работниот однос на двајца вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип е ставен во мирување и повеќе немаат никаков пристап до електронскиот систем за студентски досиеја. Ова е првиот конкретен потег на Ректоратот веднаш по одлуката на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип да поведе истражна постапка против нив.

Бидејќи случајот е поврзан со сомнежи за нерегуларности при запишување студенти, главното прашање меѓу академската заедница е безбедноста на податоците. Од УГД уверуваат дека станува збор за ограничен број случаи и дека досиејата на сите останати студенти не се засегнати.
„Сите евентуално нелегитимно внесени податоци од осомничените лица се предмет на истрагата и ќе бидат соодветно процесирани по нејзиното завршување“, велат од Универзитетот.
Оттаму додаваат дека секој клик во нивниот електронски систем остава дигитална трага, што значи дека точно може да се лоцира кој и кога интервенирал во податоците.
Додека трае истрагата на ОЈО и МВР, Универзитетот нема да излегува со дополнителни детали за самиот процес, но најавува целосна соработка со институциите за расчистување на случајот.
Паралелно со ова, од УГД упатуваат директен повик до студентите и професорите да не молчат доколку забележат каква било злоупотреба на службената положба. Секој сомнеж за корупција може да се пријави целосно анонимно преку посебната платформа на веб-страницата на универзитетот (ugd.edu.mk/za-ugd/prijavete-korupcija).