
По неколку години во кои бројот на студенти беше во фокусот поради демографските предизвици, најновите податоци покажуваат позитивен тренд. Во академската 2025/2026 година на прв циклус студии во Македонија се запишале 55.036 студенти, што е 2,8 проценти повеќе во споредба со претходната академска година.

Извор: ДЗС
Најголемиот интерес и понатаму го привлекуваат студиите од областа здравство и социјална заштита, каде што се запишани 14.088 студенти. Ова значи дека речиси секој четврти студент во државата се определил за медицински, стоматолошки, фармацевтски, сестрински или сродни студиски програми.
Веднаш зад нив се програмите од областа бизнис, администрација и право со 11.016 студенти, додека на третото место се информатичко-комуникациските технологии (ИКТ), каде што студираат 8.998 студенти. Овие три области убедливо се најпопуларниот избор кај младите.
Меѓу најбараните се и студиите по инженерство, производство и градежништво со 5.301 студент, уметност и хуманистички науки со 4.855, како и општествени науки, новинарство и информирање, кои ги избрале 4.156 студенти.
Од друга страна, најмал интерес има за студиите од областа земјоделство, шумарство, рибарство и ветерина, каде што се запишани само 722 студенти. Следуваат природните науки, математиката и статистиката со 1.464 студенти и областа услуги со 1.800 студенти.
Податоците покажуваат и дека државните универзитети и натаму се прв избор за студентите. На нив студираат 77,8 проценти од вкупниот број запишани, додека 22,2 проценти избрале приватни високообразовни установи.
Оваа академска година на факултет се запишале 16.212 студенти во прва година, а 14.995 од нив првпат стануваат студенти.
Интересен е и податокот дека студентките се мнозинство во високото образование. Од вкупниот број запишани, 32.957 се жени, односно 59,9 проценти, додека 22.079 се мажи.
Статистиката покажува дека интересот на младите сè повеќе се насочува кон професии поврзани со здравството, бизнисот и дигиталните технологии – области кои во последните години нудат најголеми можности за вработување и кариерен развој.