ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
23.02.2022
Разголени женски фигури, имагинарни слики и прекрасни дизајни – запознајте ја младата дизајнерка Кети Лазарова

Во последната деценија, модата и дизајнот сè повеќе го привлекуваат вниманието на младите. Што е „кул“, кои бои се „популарни“, кои комбинации се „модерни“ и сл., се често поставувани прашања во денешно време, посебно од младата популација. Нашата соговорничка – Кети Лазарова, изгради сопствен бренд, се истакна со својот талент за цртање и создавање многубројни модни креации.

Кети е дипломиран технолог на насоката „Дизајн на текстил и облека“ а нејзино хоби е цртање, најчесто на слободна тема. Честопати во нејзините цртежи можат да се забележат разголени женски фигури со тетоважи, имагинарни слики и сл., преку кои се искажува себе си и своите чувства. Зошто токму разголени женски фигури – главната причина е восхитот кон женското тело. А, кога станува збор за дизајнирање облека, инспирацијата ја добива од модата која преовладувала во минатото во паралела со денешната мода, но и од природата и местата кои ги посетувала…

За она што денес најмногу се бара во модниот свет и во светот на дизајнот, таа истакнува:

„Како што се менува времето, така се менува и модата. Но, секогаш се враќаат оние „iconic“ стилови. Денес многу често се забележува стилот од 2000-те години, но во многу подобри комбинации. Од боите, многу впечатливи се: розовата, виолетовата, зелената. Таквиот стил на облекување често го среќаваме низ уличната мода, а кога е во прашање елегантноста, свечените пригоди и коктел настани, најмногу преовладуваат елегантните материјали, како што се сатенот и свилата. Исто така, многу доминантни се и дизајните наречени „naked dresses“ со многу кристали, украси и чипка изработени со корсети, со цел да се истакнат телесните атрибути на жената.“

Кети Лазарова

За пресудниот момент да го продолжи својот пат кон дизајнерството, таа истакнува:

„Често имав проблем со купување на облека, се случуваше да ми е широка или претесна… Кога требаше да се подготвуваме за матурската вечер, пробував многу фустани, но ниту еден не беше таков како што посакував. Така одлучив сама да си го дизајнирам фустанот. Цртав деноноќно додека не стигнав до посакуваниот резултат. Со помош на шивачка, успеав да ја реализирам својата прва креација и така се роди мојата желба кон овие студии и љубовта кон дизајнирањето. Иако имав можност само две години физички да присуствувам на факултетот поради пандемијата, тоа не ме спречи постојано да учам и да се надградувам“.

Процесот на дизајнирање на облека, е забавен затоа што правила не постојат и дизајнерот има целосна слобода во дизајнирањето. За овој процес, Кети ги зема предвид стиловите кои преовладуваат како и вкусовите на општеството. Потоа разгледува на социјалните мрежи различни стилови и креации од различни дизајнери и осмислува своја креација вметнувајќи го нејзиниот начин на креирање. Замислата најпрво ја пренесува на лист, потоа според нејзините телесни мерни единици врши кроење, па скроените делови ги составува на машина за шиење.

За младите кои сакаат да се занимаваат со мода и дизајн:

„Јас препорачувам да не се откажуваат од својот сон, затоа што дизајнерството е креативна работа каде нема граници и правила, токму овде можеме да си играме со различни стилови и комбинации а притоа да нема ниту една грешка. Овде не постои страв од грешки, затоа што секое парче на облека е „аrt“ и украс на човечкото тело. Иако често се случува да наидете на предрасуди и неприфаќање од страна на општеството за вашиот стил на креирање, тоа не треба да ве обесхрабрува за да се истакнете во светот на модата“. – им порачува Кети.

Нејзин омилен дизајнер е Валдрин Сахити, но во омилените го вбројува и познатиот светски бренд Victoria’s secret, без разлика на тоа што е бренд за долна облека. За себе вели дека е авантурист, сака да патува, ги обожава деновите поминати на плажа, техно концертите и сл. Од овој момент, Кети нека биде вашата инспирација и мотивација да продолжите по патот на дизајнерството и модата.

 

 

Нов моден тренд – облечете се како вашите дедовци
За патување и било потребно накит – си направила сама и од тоа произлегло бизнис