
Oбука за млади креатори на содржини насловена како „Размолчени гласови:Нераскажаните приказни од Источна Македонија“ инспирираше 20-тина млади од источниот регион. Обуката, во организација на Види Вака и Гоце.мк, успеа да мотивира млади од Источниот регион заинтересирани за креирање на содржини, приказни, фотографии и видео записи.

Основци, средношколци и студенти заедно учествуваа и се едуцираа за квалитетно креирање на содржини, постапување и известување во време на криза, безбедност на терен, но и на социјалните мрежи, заштита на податоци и идентитет и соочување и надминување на траума.
Меѓу едукаторите, покрај претставници од новинарскиот сектор на Види Вака и Гоце.мк, учествуваше и психологот и психотерапевтот Давид Тасевски, но и претставници од медиумскиот сектор од Србија како Норберт Шинковиќ, Маја Леѓенац и Милош Катиќ.

Според Горан Иѓич, основач на Види Вака и еден од организаторите на обуката, потребата за ваква обука потекнала од трагичниот настан кој се случи во Кочани, и од согледувањето дека има сѐ помалку има новинари кои се локални дописници. Централизацијата која се случува во нашата држава и фокусот само на Град Скопје, покажува дека останатите региони и жители како да немаат „глас“ поради недостатокот на новирани и локални и регионални медиуми.
„Идејата зад обуките е да се обидеме да дадеме знаење на луѓе кои што ќе можат да ја застапуваат својата заедница, своето маало, својот град во иднина, не само за лоши туку и за добри теми. Во моментов во овој регион ни фалат репортери за добри приказни, коишто знаеме дека ги има. Ги одбравме овие теми бидејќи ниту на студиите на новинарство, ниту во редакциите немаме работа со новинари која што вклучува психолог за да ги заштитиме и да разговараме со новинарите за она што тие го поминале во текот на известувањето за тешки теми.“, вели Иѓич.

Иако, во државата, студентите на медиумски студии се „бројат на прсти“, сепак на обуката учествуваа 20 учесници само од Источниот регион. Иѓич е оптимист дека овие учесници ќе продолжат да се развираат во новинарскиот сектор, ако им се даде шанса. Позитивно е што дел од учесниците, беа токму и членови на медиумски клуб во склоп на нивното основно училиште во Кочани, што дава надеж за младите и интересот кон медиумската дејност.

„Групата со која работев овде во Македонија е феноменална. Иако учесниците беа од различни возрасни групи, успеаја заедно да работат и да направат добар тим што покажува дека можат меѓугенерациски добро да функционираат. Новинарството е многу одговорна професија, но истовремено е интересна и забавна. Секој ден работиш нешто ново и запознаваш нови луѓе, така да би ја препорачала на младите кои сакаат да работат во динамична средина.“, вели Маја Леѓениц.
Интерактивниот пристап, активното учество и дискусиите кои траеја со часови го потврдуваат интересот на младите и на учесниците кон медиумите и кон креирањето на содржини.