ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
29.05.2026
Реакција на студентите по медицина од УГД: Се чувствуваме невредни од изјавите на д-р Костадинов
Автор: Goce Author

После контроверзното видео кое се шири на социјалните мрежи и изјавата на д-р Костадинов, спец.анестезиолог од Македонија, кој моментално работи во Словенија, во подкастот „Клиника за сѐ“, студентите и академскиот кадар на Факултетот за медицински науки од Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип излегоа со свои жестоки реакции.

Имено, во изјавата докторот со неосновани факти ги критикува сите студентите и целиот кадар излезен од „Штипскиот факултет“.

Од Универзитетското студентско собрание при УГД за Гоце.мк посочуваат:

„Во време кога знаењето треба да биде мост меѓу луѓето, а не оружје за потценување, со жалење ги проследивме навредливите изјави упатени кон студентите на медицина при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Нашите студенти секојдневно вложуваат огромен труд, непроспиени ноќи, откажувања и човечка посветеност со една единствена цел – утре да бидат лекари кои ќе спасуваат животи, а не луѓе кои ќе судат без достоинство и емпатија. „Зборот може да биде и лек, и рана – мудроста е да знаеш кога и како да го употребиш.“, посочуваат од Универзитетското собрание.

Во изјавата од УСС-УГД понатаму се вели:  УСС цврсто стои зад сите студенти, професори и медицинскиот факултет. Критиката е вредна само кога е добронамерна и насочена кон напредок, а не кога создава поделби, сомнеж и колективно понижување. Веруваме дека вистинскиот академски интегритет не се покажува со навреди, туку со знаење, човечност и почит кон колегите. Универзитетите треба да воспитуваат професионалци, но пред сè – луѓе, велат студентите.

Реакции на СОМА, ДЕНТУМ и Факултетското собрание на Медицински факултет

Дополнително се огласија и самите студенти на медицина и раководството на студентските медицински организации како СОМА, Дентум и Факултетското студентско собрание на ФМН. Станува збор за независни студентски организации кои се здружени во самостојни организации.

„Овие зборови не ги доживеавме само како навреда кон институцијата, туку како потценување на трудот, посветеноста и жртвата на секој од нас, студентите, кои со години вложуваме време, знаење и лична дисциплина за еден ден да станеме здравствени работници достојни за довербата на пациентите и општеството. Особено разочарува фактот што ваквите ставови доаѓаат од лице кое припаѓа на професија што треба да биде пример за етика, професионалност и поддршка кон младите генерации. Наместо мотивација и конструктивност, почувствувавме омаловажување, потценување и негирање на нашиот академски и личен труд. Многу од студентите уште за време на студиите активно придонесуваат во здравствениот систем, паралелно носејќи го товарот на една од најодговорните професии. Свесни сме дека медицината е поле во кое учењето никогаш не завршува и дека секој иден здравствен работник има обврска постојано да се усовршува. Но, никој нема право со генерализирачки изјави да го избрише трудот, потенцијалот и достоинството на стотици млади луѓе кои чесно и посветено го градат својот професионален пат. Веруваме дека јавниот простор треба да биде место за аргументирана дебата, заемна почит и конструктивен дијалог, а не простор за дискредитација на цели генерации студенти. Ваквите изјави не придонесуваат кон подобро образование или подобар здравствен систем, тие создаваат поделби помеѓу студентите, демотивација и чувство дека трудот на младите не е вреднуван. Како студенти, не бараме привилегии, ниту неосновани пофалби. Бараме почит кон трудот што го вложуваме, кон изборот што сме го направиле и кон институцијата која нè образува. Ќе продолжиме да работиме, учиме и да се докажуваме преку знаење, хуманост и професионалност, затоа што веруваме дека вредноста на еден студент и иден здравствен работник не се мери преку туѓи потценувања, туку преку неговата посветеност, интегритет и желба да придонесе за општеството.“, велат од ФСС и СОМА.

Го пренесуваме и јавниот став на студентите од студентската организација по дентална медицина, Дентум

„Сметаме дека поединечни примери или лични искуства не треба да бидат причина за создавање негативна слика за цела генерација студенти и идни здравствени работници. Преку секојдневна комуникација, соработка и активности со студентите, имаме можност директно да го следиме трудот, посветеноста и желбата за напредок. Меѓу студентите има голем број квалитетни, одговорни и перспективни млади луѓе кои вложуваат сериозен труд во својата едукација и професионално усовршување. Пеперутката не станува совршена преку ноќ. Таа минува низ промени, раст и борба за да ги рашири своите крилја. Така и ние – ништо не е совршено, но секој ден работиме малку повеќе за нештата да станат подобри.“

Реакција и на дел од професорите

Но, покрај студентите, свој став и мислење со оваа изјава изразија и Професорите на Факултетот за медицински науки при УГД. Имено, дел од нив се навистина изненадени, ги демантираа изјавите и дадоа целосна поддршка за студентите.

Проректорката на УГД – Проф. Д-р Зденка Стојановска се огласи на социјалните мрежи:

,,Резултатите зборуваат најгласно! Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе 18 години се гради со знаење, работа и резултати, а неговото најголемо богатство се студентите и кадарoт. Во изминатиот период сведоци сме на различни објави и коментари на социјалните мрежи кои имаат за цел да го нарушат угледот на нашата институција, како и на дипломираните и сегашните студенти и кадарот кои се дел од неа. Како институција, остануваме доследни на академските вредности, професионалниот интегритет и достоинствената комуникација. Нашата најголема потврда не се зборовите, туку успесите на генерациите студенти и дипломци кои денес успешно работат и се препознаени во земјата и во странство.‘‘

проф. д-р Зденка Стојановска

Професорот Беким Татеши побара извинување од Костадинов

Со свој фејсбук статус излезе и Проф. Д-р Беким Татеши кој побара извинување од докторот Костадинов и вели: ,,Како професор на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, ја осудувам паушалната и генерализирачка изјава на колегата кој зборува за студентите по медицина од УГД. Студентите не смеат да бидат предмет на потценување, дискредитација или јавно етикетирање. Зад секој студент стојат години труд, одрекување, учење и лична борба за да стане лекар. Критика кон образовниот систем секогаш е дозволена и понекогаш неопходна, но таа мора да биде аргументирана, академска и насочена кон подобрување на квалитетот, а не кон омаловажување на младите луѓе кои ја избрале оваа хумана професија. Факултетот за медицински науки при УГД создаде генерации лекари кои денес работат професионално и одговорно во здравствениот систем во државата и надвор од неа.‘‘

Проф. д-р Беким Татеши

Професорката Даниела Ристиќ Стомнароска: Не се чувствувам „помалку“ доктор од било кој колега

Понатаму, своја изјава даде и Проф. Д-р Даниела Ристиќ Стомнароска која истакнува дека со д-р Иван Костадинов се иста генерација и заедно ги поминале студентските денови, заедно ги живееле жртвите, непроспиените ноќи и борбата да станат, она што сонувале како деца. ,,Голем дел од нашите колеги заминаа низ светот – Словенија, Швајцарија, Германија, САД, Турција… Но јас одлучив моето знаење да го вложам овде, во Мојата Татковина- Република Македонија! Во Државата во која сум родена, во земјата за која зборувам со гордост и крената глава! Можеби немаме милиони и раскошни системи, но имаме нешто што не се купува – знаење, карактер и луѓе кои целиот живот го поминале во учење, работа и докажување! И никогаш нема да се чувствувам “помалку” доктор од било кој колега во Европа или светот. Напротив! Гордо стојам рамо до рамо со сите нив, затоа што знам колку труд, одрекување и достоинство носи оваа професија! Се гордеам со моите колеги, со моите студенти и со идните генерации кои доаѓаат од Универзитетот „Гоце Делчев“ — Универзитет кој создава луѓе што знаат, вредат и оставаат траг во науката и медицината! Македонија има ум. Македонија има кадар. Македонија има иднина!‘‘ – вели Професорката Стомнароска.

Проф. д-р. Даниела Ристиќ Стомнароска

Професорот Рубин Гулабоски: После ова нема да молчам

Во својата ФБ објава реагира жестоко и професорот Рубин Гулабоски:

Во ист ден на 27 05 2026 година се појавуваат две вести поврзани со УГД Штип. Прва вест е дека после 50 години конечно е решена и публикувана „Ајнштајновата„ равенка во квадратно-брановата волтаметрија„ од автор професор на Факултет за медицински науки при УГД Штип и таа вест електрохемиското интернационално друштво ја става како една од назначајните откритија на почетна страна на едно од највлијателните електрохемиски списанија (https://analyticalsciencejournals.onlinelibrary.wiley.com…). Ејјј тоа е евалуирано во МАКЕДОНИЈА, на мал Универзитет во Штип ејјјј кој и да е, ова трeба да е најголема вест за било кого во Македонија.///
Нормално, во Македонија оваа вест нит некој ќе ја пренесе нит некој ќе се заинтересира да ја објави.
-Другата вест-поврзана со исфрустрирани ликови што плукаат по доктори дипломирани на истиот факултет на УГД Штип, наменски и целно прикажана да омаловажи цела една плејада еминентни професори и дипломирани студенти, ја пренесуваат БУКВАЛНО СИТЕ ПОРТАЛИ ВО МАКЕДОНИЈА.
Сеир му треба на овој народ, ама бидејќи тој сеир не засега сите, колку што разбрав нема да остане како и претходно; институциите си ја терале работата/..а тоа-остави Рубин не се расправај со будали, тоа нема …. Попуштањето на будалите значи дека на будалите им дадовме можности сите нас да не направат ненормални. ДОСТА БЕШЕ, тешко дека ќе молчам, а никогаш и не сум молчел, ама после ова тешко….

Проф. д-р Рубин Гулабоски

Професорот Страхил Газепов повикува на правна разрешница

Уште подраматично е тоа што на една од објавите на студентите на УГД, свој коментар остави и Проф. Д-р Страхил Газепов, кој смета дека е нарушен угледот и дигнитетот на професорите и самата институција.

,,Јавно го повикувам Деканатот и Ректоратот на УГД, да покренат судска постапка против докторот и медиумот за лажна клевета и невистина со цел да се одбраниме од овие небулозни обвинувања‘‘ – вели тој.

Проф. д-р Страхил Газепов

Автори на текстот: Ирена Жежова и Александар Величков

Почнува полагањето државна матура
Електричните тротинети не се играчка