
После контроверзното видео кое се шири на социјалните мрежи и изјавата на д-р Костадинов, спец.анестезиолог од Македонија, кој моментално работи во Словенија, во подкастот „Клиника за сѐ“, студентите и академскиот кадар на Факултетот за медицински науки од Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип излегоа со свои жестоки реакции.
Имено, во изјавата докторот со неосновани факти ги критикува сите студентите и целиот кадар излезен од „Штипскиот факултет“.

„Во време кога знаењето треба да биде мост меѓу луѓето, а не оружје за потценување, со жалење ги проследивме навредливите изјави упатени кон студентите на медицина при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Нашите студенти секојдневно вложуваат огромен труд, непроспиени ноќи, откажувања и човечка посветеност со една единствена цел – утре да бидат лекари кои ќе спасуваат животи, а не луѓе кои ќе судат без достоинство и емпатија. „Зборот може да биде и лек, и рана – мудроста е да знаеш кога и како да го употребиш.“, посочуваат од Универзитетското собрание.
Во изјавата од УСС-УГД понатаму се вели: УСС цврсто стои зад сите студенти, професори и медицинскиот факултет. Критиката е вредна само кога е добронамерна и насочена кон напредок, а не кога создава поделби, сомнеж и колективно понижување. Веруваме дека вистинскиот академски интегритет не се покажува со навреди, туку со знаење, човечност и почит кон колегите. Универзитетите треба да воспитуваат професионалци, но пред сè – луѓе, велат студентите.
Дополнително се огласија и самите студенти на медицина и раководството на студентските медицински организации како СОМА, Дентум и Факултетското студентско собрание на ФМН. Станува збор за независни студентски организации кои се здружени во самостојни организации.
„Овие зборови не ги доживеавме само како навреда кон институцијата, туку како потценување на трудот, посветеноста и жртвата на секој од нас, студентите, кои со години вложуваме време, знаење и лична дисциплина за еден ден да станеме здравствени работници достојни за довербата на пациентите и општеството. Особено разочарува фактот што ваквите ставови доаѓаат од лице кое припаѓа на професија што треба да биде пример за етика, професионалност и поддршка кон младите генерации. Наместо мотивација и конструктивност, почувствувавме омаловажување, потценување и негирање на нашиот академски и личен труд. Многу од студентите уште за време на студиите активно придонесуваат во здравствениот систем, паралелно носејќи го товарот на една од најодговорните професии. Свесни сме дека медицината е поле во кое учењето никогаш не завршува и дека секој иден здравствен работник има обврска постојано да се усовршува. Но, никој нема право со генерализирачки изјави да го избрише трудот, потенцијалот и достоинството на стотици млади луѓе кои чесно и посветено го градат својот професионален пат. Веруваме дека јавниот простор треба да биде место за аргументирана дебата, заемна почит и конструктивен дијалог, а не простор за дискредитација на цели генерации студенти. Ваквите изјави не придонесуваат кон подобро образование или подобар здравствен систем, тие создаваат поделби помеѓу студентите, демотивација и чувство дека трудот на младите не е вреднуван. Како студенти, не бараме привилегии, ниту неосновани пофалби. Бараме почит кон трудот што го вложуваме, кон изборот што сме го направиле и кон институцијата која нè образува. Ќе продолжиме да работиме, учиме и да се докажуваме преку знаење, хуманост и професионалност, затоа што веруваме дека вредноста на еден студент и иден здравствен работник не се мери преку туѓи потценувања, туку преку неговата посветеност, интегритет и желба да придонесе за општеството.“, велат од ФСС и СОМА.
„Сметаме дека поединечни примери или лични искуства не треба да бидат причина за создавање негативна слика за цела генерација студенти и идни здравствени работници. Преку секојдневна комуникација, соработка и активности со студентите, имаме можност директно да го следиме трудот, посветеноста и желбата за напредок. Меѓу студентите има голем број квалитетни, одговорни и перспективни млади луѓе кои вложуваат сериозен труд во својата едукација и професионално усовршување. Пеперутката не станува совршена преку ноќ. Таа минува низ промени, раст и борба за да ги рашири своите крилја. Така и ние – ништо не е совршено, но секој ден работиме малку повеќе за нештата да станат подобри.“
Но, покрај студентите, свој став и мислење со оваа изјава изразија и Професорите на Факултетот за медицински науки при УГД. Имено, дел од нив се навистина изненадени, ги демантираа изјавите и дадоа целосна поддршка за студентите.
Проректорката на УГД – Проф. Д-р Зденка Стојановска се огласи на социјалните мрежи:
,,Резултатите зборуваат најгласно! Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе 18 години се гради со знаење, работа и резултати, а неговото најголемо богатство се студентите и кадарoт. Во изминатиот период сведоци сме на различни објави и коментари на социјалните мрежи кои имаат за цел да го нарушат угледот на нашата институција, како и на дипломираните и сегашните студенти и кадарот кои се дел од неа. Како институција, остануваме доследни на академските вредности, професионалниот интегритет и достоинствената комуникација. Нашата најголема потврда не се зборовите, туку успесите на генерациите студенти и дипломци кои денес успешно работат и се препознаени во земјата и во странство.‘‘

проф. д-р Зденка Стојановска
Со свој фејсбук статус излезе и Проф. Д-р Беким Татеши кој побара извинување од докторот Костадинов и вели: ,,Како професор на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, ја осудувам паушалната и генерализирачка изјава на колегата кој зборува за студентите по медицина од УГД. Студентите не смеат да бидат предмет на потценување, дискредитација или јавно етикетирање. Зад секој студент стојат години труд, одрекување, учење и лична борба за да стане лекар. Критика кон образовниот систем секогаш е дозволена и понекогаш неопходна, но таа мора да биде аргументирана, академска и насочена кон подобрување на квалитетот, а не кон омаловажување на младите луѓе кои ја избрале оваа хумана професија. Факултетот за медицински науки при УГД создаде генерации лекари кои денес работат професионално и одговорно во здравствениот систем во државата и надвор од неа.‘‘

Проф. д-р Беким Татеши
Понатаму, своја изјава даде и Проф. Д-р Даниела Ристиќ Стомнароска која истакнува дека со д-р Иван Костадинов се иста генерација и заедно ги поминале студентските денови, заедно ги живееле жртвите, непроспиените ноќи и борбата да станат, она што сонувале како деца. ,,Голем дел од нашите колеги заминаа низ светот – Словенија, Швајцарија, Германија, САД, Турција… Но јас одлучив моето знаење да го вложам овде, во Мојата Татковина- Република Македонија! Во Државата во која сум родена, во земјата за која зборувам со гордост и крената глава! Можеби немаме милиони и раскошни системи, но имаме нешто што не се купува – знаење, карактер и луѓе кои целиот живот го поминале во учење, работа и докажување! И никогаш нема да се чувствувам “помалку” доктор од било кој колега во Европа или светот. Напротив! Гордо стојам рамо до рамо со сите нив, затоа што знам колку труд, одрекување и достоинство носи оваа професија! Се гордеам со моите колеги, со моите студенти и со идните генерации кои доаѓаат од Универзитетот „Гоце Делчев“ — Универзитет кој создава луѓе што знаат, вредат и оставаат траг во науката и медицината! Македонија има ум. Македонија има кадар. Македонија има иднина!‘‘ – вели Професорката Стомнароска.

Проф. д-р. Даниела Ристиќ Стомнароска
Во својата ФБ објава реагира жестоко и професорот Рубин Гулабоски:

Проф. д-р Рубин Гулабоски
Уште подраматично е тоа што на една од објавите на студентите на УГД, свој коментар остави и Проф. Д-р Страхил Газепов, кој смета дека е нарушен угледот и дигнитетот на професорите и самата институција.
,,Јавно го повикувам Деканатот и Ректоратот на УГД, да покренат судска постапка против докторот и медиумот за лажна клевета и невистина со цел да се одбраниме од овие небулозни обвинувања‘‘ – вели тој.

Проф. д-р Страхил Газепов