Главната тема на овогодинешните Shtip Fashion Days беше реинкарнирањето на штипскиот текстил и целокупната текстилна индустрија, а преку свои ревии тоа го покажаа македонски модни брендови, Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип и здружението „Гласен текстилец“.
Овој настан се одржува во текот на три дена, односно на 30.9, 1.10 и 2.10 во старата фабрика за џинс „Македонка“. Со свои ревии во текот на изминатите два дена се прикажаа многу штипски и македонски модни брендови, а меѓу посетителите беа Градоначалникот на Општина Штип, бројни инфлуенсери, дизајнери и модели.
На првата вечер со свои ревии и модни креации се претставија здружението „Гласен текстилец“ , како и модните брендови Mimimal by NANA и NANA, а заврши со ревијата на студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
AI модели нереaлно ги зголемуваат стандардите за женска убавина
Втората вечер беше резервирана за ревиите на брендовите „Астибо“, „Линеа“ и „Албатрос“ кои се претставија со своите креации.
Во однос на Shtip Fashion Days, Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, изјави:
„Целата организација е во насока на мотивирање и стимулирање на модната индустрија, нејзина реинкарнација, ребрендирањето и реорганизацијата на оваа индустрија по којашто нашиот град е познат, како локална самоуправа се одлучивме на овој чекор. Затоа што глобалните трендови го налагаат сето ова“.
Штипските компании и брендови со текот на изминатите два дена се преставија со смели креации со живописни бои и ексцентрични кроеви, но доминираа и класичните парчиња како и елегантните комбинации. Во дел од ревиите можеше да се видат и парчиња од рециклирани материјали.
Третата вечер на Shtip Fashion Days ќе ја затворат две ревии од кои првата на студентите на Техничко технолошкиот факултет од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, а втора е ревијата на брендот „Сербез“.