Келн е најголемиот град во германската покраина Северна Рајна- Вестфалија и четвртиот најнаселен град со 1,1 милиони жители. Иако со повеќе знаменитости, Катедралата во Келн е на прво место за посетителите на градот.
Изградбата на катедралата започнала уште од 1248 година , а финалниот продукт се добива во 1880. Над 600 години траела изградбата на највисоката катедрала во Германија со готски елементи. Нејзината висина се проценува на дури 157 метри, а истата е и под заштита на УНЕСКО.
Внатрешноста на катедралата изобилува со мозаици на подовите и цртежи на стаклата на прозорите. Бројни знаменитости се дел од катредралата покрај иконите и фреските. Една од најпосетуваната знаменитост е и златното светилиште или ковчег за кој се верува дека ги содржи моштите на мудреците кои присуствувале на раѓањето на Исус.
Непосредно до Катедралата се наоѓаат голем број на кафулиња кои нудат прекрасен поглед директно до неа.
Иако Катедралата е најпосетуваната и најпопуларна знаменитост, сепак Келн нуди и други туристички атракции. Една од нив е самата река Рајна и шеталиштето покрај реката, но и добро познатиот мост „Hohenzollern“. Мостот ги поврзува катедралата со модерниот канцелариски комплекс KölnTriangle и преку него секојдневно поминуваат стотици пешаци, но и возови. Овој мост покрај практичната улога, претставува и туристичка занимливост бидејќи се верува дека ја одржува љубовта трајна. За таа цел, вљубените парови на него оставаат катанец, чиј клуч го фрлаат во реката верувајќи дека на тој начин нивната љубов ќе остане вечна. Тежината на катанците закачени по мостот се проценува на околу 2 тони, но мостот сѐ уште не покажува знаци на терет.
Секако, овде и реката Рајна која е една од најдолгите реки во Европа со должина од околу 1234 километри. Покрај реката има големо шеталиште кои им дозволува на посетителите да уживаат во погледот, но се нудат и тури со бродче за директна панорама на градот.