Готинген е град кој се наоѓа во централна Германија и важи за еден од најзелените градови во целата држава. Преку репортажата од нашиот колега Михаил Данев кој моментално се наоѓа таму, имаме прилика да ги проследиме убавините на овој град.
Многуте паркови, ботаничката градина со над 19.000 растенија и седумте езерца во близина на градот, навистина ја прават заслужена титулата за најзелен град во цела Германија. Освен со зеленило, градот изобилува и со богат културен живот. Апсолутен белег на културниот календар е Меѓународниот фестивал на Хендл, кој се одржува секоја година на почетокот на летото. На друго место во градот, локалните бендови го креваат покривот речиси секоја вечер во Норгелбуф, најпопуларното место за музика во живо во Готинген. Оние кои бараат нешто малку потивко може да ја погледнат Етнолошката колекција или да присуствуваат на некоја од изложбите во другите поголеми музеи во градот.
Еден од најголемите белези на градот е Универзитетот “Georg-August“ кој брои над 29.000 студенти. Интересна традиција поврзана со студиите е кога студентот ќе дипломира, тој со украсена коњска кола е носен од страна на своите другари до центарот на градот поточно до статуата Ганселина. Потоа дипломираниот се качува на статуата и остава цвеќе на највисокото место до кое ќе успее да се искачи .
За Божиќ и Велигден во центарот на градот се поставени штандови со храна и пијалоци при што се собираат жителите од целиот град за да ги прослават празниците.
Готинген навистина изобилува со волшебни убавини и места кои вредат да се посетат.