
Иако имаше повеќе обиди од Владата за дигитализација на автобуските станици , сепак се чини дека истите се залудни. И покрај добата на дигитализација, граѓаните сепак се приморани да автобуски билети купуваат задолжително со физичко присуство.
Во 2013 година , Владата објави веб страна со називот Е-автобуска со најава дека од тогаш автобуски карти ќе може да се купуваат преку мобилен телефон или компјутер.

„Купувањето автобуска карта, според Јанакиески, се состои од неколку едноставни чекори. По успешното електронско плаќање со кредитна или дебитна картичка за избраното патување патникот ќе добие електронски билет со еднозначен бар-код кој може да го испечати или да го зачува на својот смартфон или таблет. – Предвидено е да се воведе и трет начин на плаќање, преку сметка за мобилен телефон. Билетот на автобуските станици ќе се валидира со помош на бар-код читачи со што ќе се олесни и зголеми протокот на патници, а со самото тоа автоматски постоечките биелтари ќе се растоварат и ќе се заштеди време, наведе министерот за транспорт.“, стои во тогашното соопштение од Владата.
Теоретски ова изгледа како чекор напред, но во пракса веб страницата никогаш не била искористена. Со пребарувањето на оваа страница, потребно е да се направи кориснички профил со цел да се резервира и билетот , но таа опција не е достапна и наместо тоа страницата вели дека се појавила грешка и корисникот не може да регистрира сопствен профил.

По контакт со автобуските станици од Источниот регион, поточно станиците во Штип, Кочани, Радовиш и Струмица, вработените од контакт-центарот скоро и да беа збунети на прашањето за дали оваа веб страна е во функција. Одговорот гласеше дека за резервирање и купување на билет опцијата онлајн не постои, туку мора тоа стриктно да се изврши со физичко присуство.
Иако постојат страни и за онлајн преглед на возните редови како што е Балкан Виатор, сепак за повеќето градови податоците не се ажурирани, па потребно е граѓаните да се јават директно до автобуската станица.
Во повеќето држави низ Европа , постојат студенти попусти за купување автобуски карти, но ова не е целосно практика и кај нас. Информациите кои ги добивме од автобуските станици во Радовиш и Струмица е дека попуст за студенти не постои, додека во Штип и Кочани се нуди 20% попуст на цената на билетот за студенти но само при одредени компании како АвтоАтом и Галеб.
Според добиените податоци , иднината за дигитализација на автобуските станици не се чини блиска, а поволностите за студентите се далеко од оние кои што се нудат низ Европа.