
Центарот за граѓански комуникации е дел од регионалниот проект за зајакнување на гласот на младите RISE Balkans, во којашто учествуваат универзитети и невладини организации од Хрватска, Грција, Албанија и Бугарија.

На одржаната работилница во просториите на Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип беа презентирани одговорите на 56-те испитаници од нашата држава за можностите на граѓанско учество, пречките и потребите поврзани со интегритетот, корупцијата, солидарноста и довербата во институциите, со цел да се добие валоризација на одговорите и нивен став за конкретните теми.
„Учеството е исклучително важно, многу повеќе од перцепцијата што ние ја имаме во државата. Сите сме слушнале дека светот останува на младите, меѓутоа сметам дека некои проблеми премногу долго се провлекуваат низ годините. Конечно е дојдено времето младите генерации да престанат да прифаќаат некое нужно зло наметнато од претходните генерации како практики со коишто мора да се помират, иако се свесни дека не треба да се согласат. Треба овие генерации коишто се сега студенти да направат еден голем чекор напред, да не прифаќаат некои негативни последици коишто претходните генерации не успеале да ги надминат.“, вели Марко Митевски од Центарот за граѓански комуникации.

Марко Митевски
Коруптивните настани што се случуваат во општеството се начелно познати, но проблемот настапува оној момент кога младите не знаат како и каде да ја пријават корупцијата поради дефицитетот на информации на оваа тема во образовниот процес. Младите треба подробно да се запознаат со корупцијата преку социјалните мрежи, студентските тела, вклучително и преку јавни дебати и обуки.
„Студентите се на возраст каде навлегуваат во пошироки општествени процеси, во коишто можат некои постапки да почнат да ги препознаваат како коруптивни. Мора да бидат многу поактивни и самите да бараат начини како да корегираат некои настани коишто се случуваат во државата. Меѓутоа, голема улога овде имаат и факултетите и институциите коишто треба да им овозможат поголемо знаење и преку инволвираност на сите фактори да придонесат да се зголеми довербата на младите дека тие со своето учество може да придонесат за позитивни промени.“, вели Митевски.

Улогата на младите за промената на јавното мислење е од суштинско значење. Доколку не се плашат јавно да го искажат својот став за состојбите кои ги опкружуваат можат да придонесат за изградба на поинформирано и подобро општество.
„Младите можат да придонесат да се промени јавното мислење, тоа е една од нивните клучни улоги, но ќе се постави прашањето колку е тоа возможно и дали е тешко. Според мене, сѐ уште живееме во општество во коешто постарите очекуваат од помладите да се прилагодат на тоа како тие ги поставиле нештата, особено во релација со институциите. Јасно е дека млад човек е побунтовен, што е очекувано и посакувано поведение, така што според мене останува на младите да се изборат. Нема да биде лесно, меѓутоа мора да знаат кој е правиот пат и на кој начин се гради подобро општество борејќи се со пречките.“, вели Митевски.
Мотивацијата е клучна, а таа ќе се овозможи доколку постои партнерски однос помеѓу младите и институциите, инволвирајќи се во активности кои ќе придонесат постигнување на заедничка цел – живеење во подобро општество.