ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
13.02.2024
,,Ромите се мрзливи и не сакаат да работат“ – стереотипите и дискриминацијата се намалени, но уште ги има
Автор: Goce Author

Ако во поглед на можностите за вработување има напредок, бидејќи иселувањето доведе до поголема побарувачка на работна сила, па на голем број работодавци веќе не им значи каква е бојата на кожата на работникот, во поглед на работните места што им се нудат, поголеми промени – нема.

„Ромите се мрзливи и не сакаат да работат“, „сакаат да живеат од социјална помош“,   ова се стереотипите што сме ги слушнале и сме ги прочитале којзнае колку пати, кога се отвора темата за тешкотиите со кои се соочуваат Ромите при обидите да најдат работа.

Ако во поглед на можностите за вработување има напредок, бидејќи иселувањето доведе до поголема побарувачка на работна сила, па на голем број работодавци веќе не им значи каква е бојата на кожата на работникот, во поглед на работните места што им се нудат, поголеми промени – нема.

Ромите и понатаму се незначително застапени во јавната администрација. Ромките најчесто се поврзуваат со хигиеничарската работа, а дискриминацијата и стереотипите, иако намалени, сѐ уште се тука околу нас.

За дискриминацијата и за стереотипите за Ромите разговаравме со 25-годишната Рахилда Олчер од Кочани. Поводот не е директно дискриминацијата, но не е ни далеку од неа.

Рахилда Олчер

Четири месеци, Рахилда, без да знае, не била одјавена од фирмата во која почнала да работи. Фирмата, која била пекарница, во најголемиот дел вработувала Роми, пред сѐ, поради привилегии од ИПА проектот „Ромка вработена“. Поточно, поради тоа што имале корист од државата ако вработат Ромки.

„Кога се вратив од Турција, побарав работа во пекарницата „Камел“, која има седиште во Виница, а има подружници и во други градови, и во Кочани. Таму работат и сестра ми и тетка ми. Тие се вработени пред седум години, кога беше проектот „Ромка вработена“ , нели, без образование. Нивниот договор беше до три месеци да ги држат преку проектот, а, ако се покажат, да ги задржат и да добијат решение.

Тие на тој начин останаа таму и работат веќе 7-8 години. Со нивна препорака („Дојди, веднаш ќе се вработиш, ќе немаш потреба од чекање), почнав да работам таму. Но, гледајќи ги околностите и условите што ги дава самата фирма, и мојата семејна ситуација што ја имав кога се вратив во Македонија, морав да одлучам меѓу работата и обврските во семејството.

СЕ ВРАБОТУВААТ РОМИ, АКО ДАДЕ ПАРИ ДРЖАВАТА

Таа додава дека дознала и за нередовноста во исплатата и за другите негативности во самата фирма, работната позиција, навредите, што никако не ѝ одговарале.

„Напуштив, и во тој момент немав потреба да се пријавувам во Агенцијата за вработување како активен барател на работа, посебно не за да добивам социјална помош. Два-три месеци пробував да најдам работа во разни фирми и изгледа чиста случајност е што не сум дознала дека не сум одјавена од старата фирма.

Одев на интервјуа за работа, но никој нема да ти рече „Ти си пријавена како вработена, затоа не можам да те вработам“. Тогаш одлучив да отидам до Агенцијата за вработување и да проверам зошто никој не ми се јавува за работа. Дали е тоа што не сум активен барател на работа, барем тоа да го променам, значи да направам некој чекор. И таму дознав дека целото ова време, цели 4 месеци јас не сум била одјавена од фирмата, а ниту добивам плата, ниту имам осигурување.

Ѝ се јавив на газдарицата на фирмата, не ми се јавуваше, отидов и на работното место во фирмата, ми кажаа дека е надвор од државата, ѝ пишував пораки, не ми враќаше на нив. Тогаш веќе нормално го изгубив трпението, и покрај желбата да бидам фер. Муабетот беше „ќе те одјавам во петок, ако не, во понеделник најдоцна, но тоа не се случуваше. Пак пишав, и пак ништо. Во целата ситуација, дури се обиде вината да ми ја префрли мене, велејќи зошто не сум се пријавила пред 4 месеци веднаш во Агенцијата“, раскажува Олчер.

Според Рахилда, јасно е тоа дека не била одјавена бидејќи вработувањето оди преку ИПА проектот, кој предвидува користење средства од грантови, но под услов вработениот најмалку една година да остане во фирмата. Но, со тоа нејзе ѝ се скратени многу права:

„Од една страна, користи средства од проект и од државата, а јас ништо не добивам од тоа, немам ни осигурување. Најинтересно од сѐ е што по толку молење, дури сега на (15 јануари) ме одјавила, а јас добив и повик за интервју за работа во нова фирма. Но, целата работа нема да застане овде. Веќе иамло инспекција во фирмата. Кога ќе добијам документ, решение од контролата на инспекцијата, ќе поведам и судска постапка. Во целата ситуација, не е едноставно сево ова што го правам, бидејќи, како што кажав, таму работат сестра ми и тетка ми. Страв ми е дека може тие да трпат последици од сево ова. Разговарав со нив и им кажав дека не правам ништо лошо за нив, ги барам своите права“, вели Олчер.

Во барањето правда, Рахилда помош добила од Шенај Османов од Асоцијацијата за заштита на човековите права на Ромите.

Шенај Османов

Според Османов, истражувањата што ги прави Здружението за правата на Ромите – Штип, Ромките се двојно дискриминирани и според полот и според нивната етничка припадност, а тоа го покажуваат и другите истражувања на невладините организации од државата.

РОМКИТЕ СЕ ДИСКРИМИНИРАНИ И ВО СОПСТВЕНИТЕ СЕМЕЈСТВА

Често се случува Ромката да биде дискриминирана и во самото семејство, која сè уште живее во традиционално семејство, каде што остро се поделени улогите на маж и жена, а неретко трпи и дискриминација во општеството.

„Според истражувањата на Здружението за правата на Ромите – Штип, доаѓаме до сознанија дека општествената дискриминација врз Ромката во текот на изминатите години беше многу актуелна, а доминираше дискриминацијата при нивното барање за вработување. Ромката секогаш беше потчинета, стереотипите кон неа беа на високо ниво и никој не сакаше да ја вработи во државната администрација, а уште помалку да работи во приватна конфекција.

Сиромаштијата дополнително го отежнуваше животот на жените и девојчињата од ромската етничка заедница и го оневозможуваше остварувањето на основните човекови права, како право на образование, право на здравствено осигурување итн.

Според него, примерите од невладините организации, кои со години работат на оваа проблематика, укажуваат дека и во 21 век, сè уште е присутна двојната дискриминација на Ромките.

„Малтретирани во семејството, сиромашни, без можност да ги остварат своите основни човекови права, Ромките сè уште се најранливата категорија, која трпи дискриминација, се соочува со стереотипи и предрасуди.

Денес, состојбата на Ромките е за едно ниво подобрена и тоа поради фактот што приватниот сектор, со иселувањето на населението од државата, остана без работна сила. Приватните бизнисмени останаа без работници и поради тој факт беа присилени да почнат да вработуваат Ромки. Денес процентот на вработени е зголемен, но не и доволен.

Вработувањето на Ромките покажа дека тие се вредни работнички и дека енормно придонесуваат кон развојот на своите работни позиции што ги вршат во приватниот сектор“ , вели Османов.

ИСЕЛУВАЊЕТО НА РАБОТНАТА СИЛА ГИ „СПАСИ“ РОМИТЕ

Во неколкуте обиди да најде работа, како и од досегашното искуство во животот,  Рахилда вели дека директно не ја почувствувала дискриминацијата, но индиректно да.

„Јас не сум имала можност директно да ја почувствувам дискриминацијата или стереотипите. Можеби била индиректно. Ама имало случки околу мене, што се вели, почнувајќи уште од училиште, па до денес, пред мои очи. Сѐ е тоа во ред, што имаме многу организации што имаат активности и се борат, нѐ едуцираат, ама мислам дека сѐ уште има дискриминација врз Ромите.

Вели дека, по враќањето од Турција, не очекувала дека ќе се соочи со дискриминација  при барањето работа, ама, за жал, се соочила.

„Имам завршено средно училиште информатика и две години Педагошки факултет, кој го прекинав поради заминување во странство. И си велев, ајде, како што слушнав од нашите Роми дека има вработување, не се прави проблем како порано. Си реков дека ќе имам шанси за некој постабилен живот во Македонија, отколку што било претходно за нас Ромите.

Аплицирав што се вели од административен службеник во некоја фирма до хигиеничарка, ама и како хигиеничарка не ме вработија. На разговорите за работа, лично не сум почувствувала да ме дискриминираат, но верувам и чувствувам дека голем фактор е бојата на кожата. Мојот македонски јазик не е воопшто лош, сум и поквалификувана од некои работници кои веќе беа во таа фирма, ама за жал бојата на кожата е пресудна и ги става во втор план квалитетите што ги имам како личност и работник, и квалификацијата за некоја работа“.

За да се променат нештата, не зависи сѐ од работодавците и од околината.

„Многу зависи од семејствата, најчесто од родителите. Родителите, на своите деца, без разлика, машки или женски, треба да им стават во главата дека можат да бидат многу повеќе од обични физички работници или чистачи. Имаме капацитет, само треба да го сработиме тоа. Тоа не значи дека само млади треба да стапиме во брак и да се затвориме, и само да зборуваме дека Ромите се ранлива група …“

Интересно е искуството од првиот ден во разгледување во „Амфенол“, фирмата во која Рахилда била на интервју за работа.

„Денеска бев на интервју за работа во нова фирма („Амфенол“), и прво што видов е дека чистачката е Ромка. Но, од друга страна, пак, многу ми беше мило што тим-лидерот или водичот што нѐ спроведе во фирмата, за да нѐ запознае со целата работа, беше Ром. Значи, од една страна сликата беше дека чистачката е Ромка, и донекаде ми дојде да се почувствувам згазено, веднаш дојде таа слика за стереотипите, но, од друга страна, многу убаво се почувствував што Ром беше еден од работниците, кој е на висока позиција“.

Во Кочани има околу 2.000 Роми, вели Драган Георгиев од Здружението „Авена“ од Кочани. Во последниот период, состојбата со вработување е подобрена, со оглед на тоа дека се отворија повеќе поголеми фабрики, а бројот на баратели на работа се намалува поради масовното отселување на младите од државата.

Автор на текстот: Тони Михаилов

Текстот оригинално е објавен на платформата Јасно.мк, а целосниот текст може да се најде на следниот линк. 

(Видео) Единствената уметница во Македонија која слика со уста
Студентски оброк, лажни соопштенија-ќе продолжат ли преговорите?