Проф. Гулабоски: Чувствувам дека ние научниците сме некаков терет на државата, зборуваме на јазик што никој не го разбира, не сме интересни како гласачко тело, обично независно размислуваме и не се плашиме да го искажеме нашето мислење јавно!

Проф. Гулабоски: За Македонија ова е огромен успех, бидејќи мала земја влегува со шест имиња на листата на највлијателни научници.
Втора година по ред, проф. д-р Рубин Гулабоски е дел од највлијателните научници во светот, според рангирањето кое го прави Stanford универзитетот. Рангирањето се однесува на 2 % највлијателни научници, а Гулабоски е најмлад помеѓу шестмината научници од Македонија кои се најдоа на листата. Проф. д-р Рубин Гулабоски за goce.mk зборува не само за листата, туку и за тоа што треба да се прави за науката да го добие вистинскиот третман и да може вистински да се чувствуваат ефектите од неа во развојот на општеството.
Какво е значењето на вашето рангирање на листата на највлијателни научници според Stanford, втора година по ред, и какво е воопшто значењето на тоа што научници од Македонија се наоѓаат на таа листа?
- Рубин Гулабоски: Рангирањето на листата на Стенфорд универзитетот е еден индикатор пред се за квалитетот на научната работа што ја прави даден научник и институцијата во која тој научник работи. За мене е голема чест што сум најмлад помеѓу имињата на великани како академик Коцарев, академик Грчев, моите професори Стафилов и Грозданов, како и мојот ментор Мирчески. Овде се наоѓам и јас втора година по ред. Сепак, ова е само еден вид на сатисфакција за нашата работа досега, а за нас ќе биде дополнителна мотивација да се посветиме на тоа што најдобро го знаеме – а тоа е науката и анимирањето на студентите со науката од еден поинаков агол. Она што е карактеристично за научниците што се рангирани на оваа листа е фактот што никој нема добиено средства за наука од сопствената земја (освен некои симболични средства за годишни субвенции за публикувани научни трудови во списанија со импакт фактор). Ниту академиците Коцарев и Грчев, ниту професор Грозданов (чие финансирање доаѓало главно од Аризона), ниту научната работа на професорот Мирчески и мојата научна работа (нашата работа е главно финансирана од Alexander von Humboldt фондацијата од Германија) не сме добиле било какви средства за наука од Македонија. Спротивно, сите овие наброени научници, носеле финансии, средства и проекти од Западна Европа и Америка тука во Македонија и преку тие проекти се финансирале и поддржувале студенти со средствата. Тоа значи дека сите ние сме имале концепт да не зависиме од парите од државата, што во суштина ги нема воопшто за финансирањето на науката повеќе од 15тина години.

Проф. Гулабоски: Ниту еден од шесте научници не добива финансиска поддршка за наука од Македонија
Препознато ли е во Македонија значењето на науката? Имаме ли вистинска стратегија која ќе овозможи применливост на науката која ќе даде позитивен ефект за развојот во сите области од животот?
- Рубин Гулабоски: Чувствувам дека ние научниците сме некаков терет на државата, зборуваме на јазик што никој не го разбира, не сме интересни како гласачко тело, обично независно размислуваме и не се плашиме да го искажеме нашето мислење јавно и тоа сигурно не прави да сме на некоја листа на игнорирани лица. А за да се направи стратегија за развој на науката и за валоризирање на придобивките од науката, не треба голема мудрост, дури не требаат ни многу пари. Едноставно, треба да се има доблест да ги поканиш да направат стратегија тие научници што знаат како, што имаат големо искуство, што имаат соработка со голем број универзитети, што знаат да ги пренесат искуствата од универзитетите каде престојувале и тие научни работници ќе направат стратегија во кога државата ќе добива, а нема ништо да губи. Па денес дури и средствата што се на располагање за наука од предпристапните фондови на ЕУ ние не знаеме да ги искористиме, бидејќи нема обучен кадар што знае да ги разбере и да ги пренесе информациите за тие проекти на научниците. Стратегијата е тука-направете систем од луѓе што знаат, а не верувајте на луѓе што се фалат дека се експерти, а не знаат апликација на ЕУ формулар да пополнат. Токму од таквите квази-експерти последици трпи целата наука во Македонија, некои советници што зафатиле позиции и божем креираат стратегија за развој на наука, а во суштина подалеку од нивното биро немаат заминато за да стекнат искуство.
Проф. Гулабоски: Едноставно во цела Македонија имаме ГРЕШНИ ЛУЃЕ на најважни позиции, буквално во секој сегмент, и тоа на сите ни е јасно.
- Се додека тоа не се промени, се дотогаш, не само науката, туку и целата држава ќе оди во погрешен правец. За наука не се интересирал апсолутно никој, никој министер, никоја влада во последниве 30 години. Како парадокс, во последниве 20тина дена, има некои иницијативи од МОН за поддршка на науката, тоа се први чекори, вреди да се поздрават, да видиме дали ќе продолжат или тука ќе застанат уште на почетокот.
Don’t look up: „Комета ќе удри во Земјата и никому не му е гајле за тоа“
Како се вклучуваат младите – средношколци, студенти – во науката? Дали се доволно мотивирани, дали треба да имаме некаков систем кој ќе ги промовира и мотивира, па дури дали имаме систем кој ќе ги поддржи откако ќе бидат препознаени како потенцијал?
- Рубин Гулабоски: Младите и студентите во наука можат да се вклучат само инцидентно. Најчесто тоа го прават оние млади што или имаат голем талент, или самите на некој начин се едуцирале (таков е нашиот млад Ајнштајн, Кимет Јусуфи, на пример) или биле препознаени од страна на професори кои можат да им помогнат на тие талентирани млади луѓе и со знаење и со вклучување во некои проекти и со идеи. Она што пред 10тина месеци го предложивме на една средба во МОН беше државата да формира Центри за извонредност. Тоа може да бидат и лаборатории и катедри каде работат навистина научни работници што се препознати во светски рамки и кои имаат искуство во проблематиката што ја работат. За таквите центри направивме критериуми и она што го побаравме беше само едно-стипендирајте ги младите кои ќе работат во тие центри, ништо друго. За финансиите, главно, тие самите менаџери ќе се погрижат. Така ќе направиме младите да го искажат нивниот потенцијал, за да може да донесат и тие средства преку западно-европски фондации во Македонија.
Тие наши предлози не наидоа на одобрување, тоа беше најверојатно последен наш ентузијастички обид нешто да направиме корисно за науката во Македонија.
- После 10 месеци, немаме добиено никаков одговор за таа наша иницијатива, така да и во иднина нашата работа ќе биде како и досега-финансирана од Германија, Франција, Полска, Америка. Па само нашата група преку огромен европски проект има од 2006 до 2016 година донесено германски проект преку кој повеќе од 250 студенти од Македонија добивале германски стипендии за нивната работа тука, во Македонија. Огромен дел од тие студенти се веќе научници, со стекнати докторати, што работат на универзитети или во компании во цела Европа. Да не зборувам дека целата инструментација што ја поседуваме во Македонија ни е добиена преку западно-европските проекти. Ако некој не се погрижи за нашите млади таленти, не да останат тука, туку да го реализираат нивниот потенцијал, тогаш ќе тонеме и тонеме се подлабоко.
Проф. Гулабоски: Ниту академиците Коцарев и Грчев, ниту професор Грозданов (чие финансирање доаѓало главно од Аризона), ниту научната работа на професорот Мирчески и мојата научна работа (нашата работа е главно финансирана од Alexander von Humboldt фондацијата од Германија) не сме добиле било какви средства за наука од Македонија.

Да имаше било каква стратегија Македонија за развој на науката и за применливост на научните резултати од истражувањата, досега развојот на голем број на области ќе ни беа на западно-европско ниво.
На кој начин според вас треба да се финансира науката – дали само државата треба да издвојува средства (и дали издвојува доволно), или пак е време да се вклучат и компаниите, поединци кои можат да финансираат научни истражувања?
- Рубин Гулабоски: Тој што вложува во човечки потенцијал, тој секогаш и добива. Видете го овој парадокс: од 2008 година па се до оваа година, МОН даваше стипендии за магистерски и докторски за студенти што ќе студираат НАДВОР ОД МАКЕДОНИЈА! А не даваше стипендии за магистранти и докторанти што решиле да студираат во Македонија (дури годинава се промени тој концепт по наше укажување во МОН). Потребен ли е дополнителен коментар? Фирмите и компаниите што вложуваат во наука и во талентирани студенти, тие во Македонија се бројат на една рака, но ги има. Тоа треба да им биде долгорочна стратегија-вложување во наука и во талентирани студенти. Погледнете го само менаџерскиот приод на „Алкалоид„. Таа е најдобрата наша компанија која стипендира повеќе од 250 студенти годишно и тоа со стипендии со респектабилни суми. Знае менаџментот на Алкалоид каде е потенцијалот и затоа таа компанија е таму каде што е, најдобрата.
(Видео) Ректор на УГД: Напролет можеме да очекуваме Универзитетот да се врати во услови како пред пандемијата
Издвојувањето на научници од Македонија според рангирања како што е ова на Stanford е добра вест, но сепак изгледа тоа повеќе е резултат на трудот кој го вложуваат поединци, отколку на некаков систем кој би ги промовирал научниците и науката. Како Македонија реално стои во светот на светската наука?
- Рубин Гулабоски: Како што кажав и на почетокот од разговорот, појавувањето на листата на Стенфорд на македонски научници е само една инцидента појава, тоа не е резултат на некоја стратегија за развој на науката. Голем проблем за влегување во вистинската наука не се парите, туку е недостатокот на самодоверба и кај нас и кај студентите. Таа бариера во последните години полесно се надминува, откако преку голем број на проекти за размена на кадар и студенти, се повеќе престојуваме на европски универзитети. На тој начин гледаме дека германските, англиските и француските студенти и научници не се „супер-луѓе„. Тие само имаат поголема организираност и достапност до системи за експериментирање или дијагностицирање. Можеби сум преголем оптимист, но и во таа инцидентност на научници од Македонија, ние добро стоиме. Па ние имаме плејада млади научници од светски ранг како што се Кимет Јусуфи, Игор Спироски, Леон Стојанов, Мирко Трајковски, Трифче Сандев, Биљана Стојческа (ќе испуштам многу имиња, нека не ми замеруваат колегите), имаме огромен број на неверојатно добри експерти-научници што добиле награди и професорки позиции од највисок ранг во светот а се се уште млади, како Валентин Мирчески, Владимир Ивановски, Зоран Хаџи-Велков, Панче Наумов, Љупчо Пејов, Иван Богески (кој е професор на Медицинскиот факултет универзитетот во Готинген, универзитет со најголем број на нобеловци!), Слоботка Алексовска, Златко Левков… и нам ни треба само да ги собереме искуствата и потенцијалот на овие научници и да ги спроведеме во пракса. Ако тоа не се случи, овие погоре-наброените ќе си продолжат да го работат тоа што го знаат и што го прават како и досега, но Македонија како општество ќе изгуби многу. Харизмата и искуството на овие наши докажани научници е главната движечка сила за младите научници и Македонија како држава да стане препознатлива во светот на науката.
Проф. Гулабоски: Реaлно, голем број на македонски научници се препознаени во светски рамки и тука не стоиме воопшто лошо, иако сето тоа е резултат повеќе на поединечни успеси отколку на некој систематски приод.
- Ако не вложуваш во науката, не можеш да очекуваш да имаш развој на општеството во било кој сегмент. Еве на пример, за два месеци во Македонија се плаќаат 65 милиони евра за увоз на струја поради грешките на некои си менаџери. Тие 65 милиони евра се пари што државата за 60 години ги издвојува за науката во Македонија. Друг коментар навистина не е потребен. А дека ќе се промени нешто на подобро во поглед на поддршката на науката во Македонија, реално воопшто не очекувам.
Проф. Гулабоски: Стратегијата е тука-направете систем од луѓе што знаат, а не верувајте на луѓе што се фалат дека се експерти, а не знаат апликација на ЕУ формулар да пополнат.
Можеби ќе ве интересира