
Иако односите се заладија во последниве години, САД и Русија продолжуваат да соработуваат во вселената.
Американската вселенска агенција НАСА и рускиот Роскосмос ќе продолжат со заедничките напори за испраќање на екипажи во Меѓународната вселенска станица (ISS). Официјалната потврда дојде од руската агенција, а беше наведено дека партнерството ќе продолжи до крајот на 2025 година.
Оваа соработка вклучува составување екипаж астронаути од различни земји и нивно испраќање во вселената со исто летало. Роскосмос сака секогаш да има барем еден претставник во рускиот дел на ISS и барем еден претставник на НАСА во американскиот дел. Агенцијата додава дека одлуката е донесена со цел „да се одржи доверливоста на ISS во целина“.
Меѓународната вселенска станица е лансирана во 1998 година и е симбол на американско-руската соработка по Студената војна и крајот на „вселенската трка“.
Оваа вест доаѓа откако НАСА во април годинава објави дека Русија ќе остане на ISS до 2028 година. Генералниот директор на Роскосмос, Јуриј Борисов, претходно изјави дека Русија ќе се повлече од ISS по 2024 година и ќе се фокусира на создавање сопствена вселенска станица.
НАСА се подготвува за заминување на Русија на различни начини, од повлекување на астронаутите од ISS до изнаоѓање начини за контрола на ISS откако Русија ќе ги отстрани погоните.
Целта на НАСА е да ја задржи ISS во функција најмалку до 2030 година.