ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
01.07.2022
Русија/Украина: Креирањето лажни вести стана дел од воениот арсенал
Автор: Goce Author

Автори на текстот: Игор Стојанов и Тони Михаилов

Русија пронашла фабрики за производство на вируси во Украина во кои се вклучени Американци, Русија излегува од Светската трговска организација, Путин се спротивстави на депопулација на населението… се само дел од информациите што како невистинити се шират на социјалните мрежи во Македонија.

Дел од „информациите“ и самиот Фејсбук, преку независни проверувачи на факти, ги карактеризира како лажни.

Но тоа не ги спречува оние што силно веруваат во тоа да продолжат да ги споделуваат и меѓусебно да ги коментираат. Дел од тие информации предизвикуваат одредени стравови кај луѓето, оние што силно се убедени во нивната вистина дури повикуваат на акција. Често може да се забележи на социјалните мрежи во Македонија каде се повикува на акција и на насилство.

Велат кога ќе почне војната, првата жртва е вистината.

Многумина од луѓето можеби не се свесни дека употребата на лажни информации е официјална тактика во воените доктрини.

– Користењето на дезинформациите или измама како доктринарен термин со цел да се постигне изненадување, постои откога постои и организираниот начин на војување. Многу стратези ја користат измамата со цел да создадат лажна слика кај противникот, која е составен дел од еден од основните принципи на војувањето, а тоа е изненадувањето вели професорот Методи Хаџи Јанев.

Професорот Хаџи Јанев, кој и самиот е дел од генералштабот на Македонската армија, е еден од најупатените по ова прашање. Користењето на лажните вести за него не претставува новитет, дури тој посочува дека користењето на дезинформациите за време на војна, денес е посилно од кога и да е. Денес во рамките на државите има посебни единици, кои го работат токму тоа.

– Во времето на Првата светска војна се бележи поголема систематичност во примената на т.н. пропагандни активности. Во Втората светска војна веќе се формираат и наменски единици за тоа, за да денес овие операции се нарекуваат воени операции за информациска поддршка. Тука мора да се истакне дека овие операции се делат на стратегиски, оперативни и тактички, а може да бидат т.н. регуларни операции наменети да ја зајакнат стратегиската комуникација со населението, сиви, и црни операции што имаат малициозна цел и цел за збунување или подривање на непријателот вели професор Хаџи Јанев.

Според професорот Хаџи Јанев, главниот проблем стигнува тогаш кога демократските општества се исклучително ранливи на овој вид „војна“. Анализирајќи ги состојбите, јасно ни е дека властите во демократските општества зависат од мислењето на јавноста што на избори носи одлуки. Ова не е случај со диктаторските режими, кај нив лажните вести и дезинформации многу потешко го поткопуваат системот. Затоа, според Хаџи Јанев, овие „операции“ за лажни вести се работат и кога нема војни.

– Проблемот со денешниот начин на примена на овие активности е што со цел да не се премине прагот за употреба на сила, и со тоа да се парализира демократскиот свет да даде соодветен одговор, одредени актери (државни и недржавни) се користат со вакви методи без да има конфликт. Пропагандата како таква исто не е нова. Тоа што е ново е средината (виртуелниот свет), каналите – технологијата, информациско-комуникациските технологии и социјалните мрежи и можноста за ширење на лагата или пропагандата преку тоа да секој може да креира содржина. Недостатокот на информациска и медиумска писменост го прави своето за да злонамерните актери имаат мека цел – тоа е населението кај кое се подрива довербата во системот. Преку тоа се инхибира можноста за одлучување во демократскиот свет вели Методи Хаџи Јанев.

Проф. Д-р Методи Хаџи Јанев

Тешко е да се дефинира дека оваа или онаа информација е излезена од нечии воени одделенија, но може да се забележи дека има систематско дејствување во виртуелниот свет.  Професорот нагласува дека веќе нема толку јасна граница меѓу военото и цивилното дејствување. Сите се во виртуелниот простор и тешко е да се каже кој за кого работи.

– За жал, кај нас сè уште се прави реска граница помеѓу тоа што е цивилно, а што е воено дејствување. Кај голем дел од сојузниците, но и кај голем дел од авторитарните режими мултиресорското дејствување е веќе интензивно применувано. Во тој контекст, за да одговорам конкретно, можеби и да се дел од некој посериозен стратегиски план, но многу е мала веројатноста дека лажните вести се дисеминираат од официјални лица поврзани со држава. Често тоа се прави преку прокси посредници, со цел да се камуфлира одговорноста и да се создаде магла кај целта на ваквите кампањи потенцира Хаџи Јанев.

Професорот гледа примери на делување на вакви стратегиски планови и во Македонија и во светот. Дел од овие активности теоријата веќе ги докажала.

– Моќта за мобилизација на социјалните медиуми како средство за комуникација досега во неколку наврати се покажала во светот. Од Арапската пролет преку мобилизација кај нас, на пример, за референдумот,  или антиваскерството (без да заземаме став дали е тоа оправдано или не), па сè до примерот што го посочивте (Пример: Во Србија имаше протести за поддршка на Русија, делумно можеби предизвикани од невистинити информации за борба со нацисти, хемиско биолошко оружје за вируси итн.). Оттука, ако волуменот и фреквенцијата на дезинформациите се соодветни, може да предизвикаат сериозен проблем вели Хаџи Јанев.

Некои од информациите што кружат околу војната во Украина, во Македонија е тешко да се проверат поради комплексноста на ситуацијата, но некои од нив се проверуваат со еден до два клика. На пример, онаа дека Русија ги напуштила Светската трговска организација и Светската здравствена организација.

Вештачката интелигенција и лекувањето на вируси
проф. д-р Ивица Смоковски: Дијабетесот е пандемија со многу засегнати лица