ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
16.08.2023
Руското вселенско летало Луна-25 ги испрати првите фотографии од вселената
Автор: Goce Author

Првата руска мисија Луна, за слетување на Месечината од 1976 година ги даде првите резултати. Луна ги испрати првите фотографии на пат кон јужниот пол на Месечината. Луна-25 се трка со индискиот лендер Чандрајаан-3 за да направи историско прво слетување на јужниот пол на Месечината, каде што научниците веруваат дека има голема количина замрзната вода. Во петокот, на 10 август, Русија ја лансираше ракетата Сојуз 2.1, која го пренесе вселенското летало Луна-25 во вселената. Лансирањето се случи од космодромот Восточни. Тоа е првата сонда од домашно производство која беше испратена на Месечината во историјата на модерна Русија и првата руска лунарна сонда во период од речиси 50 години. Луна-24 полета во 1976 година и испорача мал примерок од лунарен реголит или почва на Земјата. Луна-25 ги сними своите први фотографии од вселената во неделата на 13 август и ги испрати на контрола на мисијата на Земјата, а беа објавени од Рускиот институт за вселенски истражувања на Руската академија на науките (ИКИ РАС). На фотографиите се гледа леталото Луна-25 со Земјата и Месечината во позадина. Видливи се и руското знаме и ознаките Луна-25.

„Овие фотографии покажуваат елементи од дизајнот на вселенско летало кое засекогаш ја напуштило Земјата, а во позадина е Месечината до која наскоро ќе стигне“, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.

Фотографиите се направени на оддалеченост од околу 310.000 километри од Земјата. Во просек, Месечината е оддалечена 384.400 километри од нашата планета, што значи дека Луна-25 беше при крај на своето патување.

„Сите системи на вселенски летала функционираат совршено нормално, комуникацијата со станицата е стабилна, а енергетскиот биланс е позитивен“, велат од ИКИ РАС.

Леталото требаше да стигне до Месечината на 15 август и да ја започне својата седумдневна орбита, додека слетувањето на лунарниот јужен пол се очекува околу 22 август.

Ако се оди според планот, лендерот на Месечината ќе работи на површината на Месечината една година, а за тоа време ќе ја анализира лунарната почва, ќе бара замрзната вода и ќе ја истражува неверојатно тенката атмосфера на Месечината. Тоа ќе го направи со помош на осум инструменти.

Во меѓувреме, индискиот лунарен лендер Chandrayaan-3 влезе во лунарната орбита на 7 август, но ќе помине подолг период во лунарната орбита, што значи дека Луна-25 најверојатно ќе слета на лунарниот јужен пол пред него. Слетувањето на индискиот лендер се очекува на 23 август.

Вниманието на водечките светски вселенски агенции е насочено кон лунарниот јужен пол, бидејќи научниците веруваат дека содржи замрзната вода под лунарната почва и внатре во кратерите кои се секогаш во сенка без сончева светлина поради нивниот агол кон Сонцето.

Русија беше првата земја што испрати сонда на Месечината. Токму мисијата Луна-2 во 1959 година стигна до Месечината, додека Луна-9 стана првата која направи меко слетување на површината на Месечината во 1966 година.

Првото слетување со екипаж се случи на мисијата Аполо 11 на НАСА во 1969 година, но Русија сега има за цел да биде првата која успешно ќе изврши меко слетување на лунарниот јужен пол пред мисијата на НАСА Артемида III планирана најрано за 2025 година. Во оваа мисија, ќе биде испратен и екипаж на лунарниот јужен пол.

Користен правилно, Chat GPT може да биде корисна алатка за студентите
Харвард одбива барања од Трамп – замрзнати им се над 2 милијарди долари федерални средства