ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
20.05.2025
Над 50% од раководните позиции во Министерството за одбрана се жени
Автор: Goce Author

Жените сѐ поистакнато учествуваат во клучните безбедносни и институционални процеси во Северна Македонија. Според податоци објавени од Министерството за одбрана, 52,3 отсто од раководните позиции во институцијата моментално ги извршуваат жени, што укажува на значаен напредок во вклученоста на жените во сектори кои традиционално биле доминирани од мажи.

Оваа статистика беше истакната на настанот организиран од Министерството за одбрана и Армијата, на кој беше презентирана Родовата самопроценка во одбраната и Родовиот акциски план 2024–2028 година. Документот е стратешки инструмент кој предвидува конкретни мерки и активности за унапредување на родовата еднаквост во Министерството и Армијата. Тој ги опфаќа областите како професионален развој, обука, одлучување, организациска култура и инфраструктура, а е резултат на соработка со Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор и поддршка од Швајцарија, Шведска, Холандија и Европската Унија.

Фото: Министерство за одбрана

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова, во своето обраќање посочи дека жените во одбраната се соочуваат со предизвици кои не произлегуваат само од теренските мисии, туку и од самите институции. „Жалам што за многу жени во одбраната вистинската борба не почнува на терен, туку дома, во нивните редови – за еднаков третман, рамноправен статус и вреднување на трудот“, рече таа.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, ја потенцираше важноста на родовиот баланс не само по број, туку и по квалитет: „Родовата еднаквост е цивилизациска вредност. Ја засилуваме нашата структура и лидерство преку родова обука и политики што го мултиплицираат потенцијалот на системот“.

Од меѓународните партнери, амбасадорката на Шведска Ами Ларсон Јаим и Беатрис Годефра од Женевскиот центар ја нагласија потребата од еднакво учество на жените и мажите како предуслов за одржлив развој и напредок. Според Годефра, процесот на родова самопроценка не бил само формална процедура, туку шанса за институционално учење и градење доверба.

Иако фокусот на настанот беше презентирањето на новиот Родов акциски план 2024–2028, клучните пораки и податоци говорат за поширока слика: родовата еднаквост не е само прашање на бројки, туку на суштинско учество, фер услови за работа и препознавање на женскиот придонес во безбедноста и лидерството во државата.

Виртуелното Кафе на ACE²-EU –Прилика за мобилност и меѓународно искуство за студенти
Современи звуци и светски имиња доаѓаат во Штип – започнува „Фестивал за современа музика 2025“