
Често се наметнува прашањето: дали виртуелниот простор може да биде „место на злосторството“ или само алатка за негово извршување. За жал, и двете опции се возможни.
Технолошкиот напредок овозможи акумулирање на моќ во рацете на поединци со малициозни намери. (Зло)употребата на сајбер просторот и на придобивките на модерната технологија овозможуваат голем дострел и брза придобивка за постигнување на различни политички цели. Недржавните актери секојдневно ги користат придобивките на модерната технологија за мултиплицирање на моќта.

Извор: pixabay.com
Неретко, и самите држави, дејствувајќи отворено или прикриено, го злоупотребуваат истиот простор, навлегувајќи во прокси војни, искористувајќи ги сите елементи на национална моќ за здобивање со определена предност или за постигнување на цел која го поддржува нивниот национален интерес. Случајот Стакснет успеа да ја врати иранската нуклеарна пограма многу назад, низа земји во светот ја обвинија Русија за наменски сајбер напади, особено во контекст на случувањата во Грузија и Естонија, а Биткоинот стана сериозен играч, особено во контекст на енергетската криза.
Често се наметнува прашањето: дали виртуелниот простор може да биде „место на злосторството“ или само алатка за негово извршување. За жал, и двете опции се возможни.
Колку што го олесни живеењето и ги забрза економските процеси и глобализацијата, енормно брзиот технолошки напредок толку го направи светот во кој живееме – поранлив. Безбедносно гледано, сајбер просторот е новата Ахилова петица – или подобро кажано, hic sunt leones („тука се кријат лавови“ – фигуративно, латинска поговорка). Од кражба на податоци и финансиски малверзации по електронски пат до оневозможување на услуги, шпионажа, загрозување на критичната инфраструктура и директен напад на нуклеарна програма… Дијапазонот е навистина широк.
Токму затоа е многу тешко да се дадат конкретни и специфични правни одговори, кои би ги задоволиле барањата на различните предизвици. Структурата на сајбер просторот, а посебно, природата на интернетот е спротивна на потребата да биде контролирана.
Комплексноста на виртуелниот простор и безбедносните закани кои од него произлегуваат, предизвикува реални ефекти во сите аспекти на секојдневното живеење. Во последниот период, додека ја сведочиме руско-украинската војна, интензитетот во виртуелниот простор не е ништо помал од интензитетот на бојното поле.
Впрочем, прокси војните се феномен кој особено се интензивира по падот на Берлинскиот ѕид, и подразбира непријателски активности без директна или барем видлива конфронтација, најчесто преку недржавни актери или актери чија активност не може да се и припише на државата во официјален капацитет.
Контекстот на новото време најдобро го долови поранешниот претседател на САД, Барак Обама, кога изјави дека: „Економски просперитет на Америка, националната безбедност, нашите индивидуални слободи, зависат од нашата посветеност за обезбедување на сајбер просторот и одржување на отворен, интероперативен, безбеден и сигурен интернет.
Нашата критична инфраструктура продолжува да биде изложена на ризик од закани во сајбер просторот, а нашата економија е повредена од кражба на нашата интелектуална сопственост. Иако заканите се сериозни и тие постојано се развиваат, верувам дека ако им се посветиме ефективно, можеме да се осигураме дека Интернетот ќе остане мотор за економскиот раст и платформа за слободна размена на идеи”.
Безбедносната стратегија на Европската унија од 2013-та година вели дека „Сајбер-безбедноста вообичаено се однесува на заштитните мерки и активности кои може да се користат за заштита на сајбер доменот, како во цивилните, така и во воените области, од тие точки кои се поврзани со, или преку кои може да им се наштети на независни мрежи, информации и на нивната инфраструктура.“
Тоа имплицира дека и правната рамка ќе биде, условно кажано, и „цивилна“ и „воена“ – и национална, и меѓународна.
Пионерските чекори во овој домен Република Северна Македонија ги направи прилично доцна, непосредно во рамките на реформите неопходни за да се добие членството во НАТО. Па така, беа усвоени Национална стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 и Акциски план за истиот период како и Стратегија за сајбер одбрана под капата на Министерството за одбрана.
Автор: ВЕСНА ПОПОСКА
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тукa.)