
На 6 јули, оваа година, за прв пат се одржа саемот за универзитети „УниКомпас“ во организација на Студентарија.мк. Истиот зазема место во Младински културен центар – Скопје, а учество зедоа околу десетина факултети од различни универзитети во државата. На саемот присуствуваа голем број на средношколци, матуранти и нивните родители.
Целта на саемот, според организаторот Гоше Николов, е на едно место да се соберат повеќе универзитети и средношколците преку овој настан да ги дознаат сите потребни информации во однос на студирањето.
“Идејата е на едно место во исто време да собереме што е можно повеќе универзитети од државата, за средношколците кои се во дилема каде да го продолжат своето образование да имат можност да изберат од плеада на опции. Ваквиот саем од голем карактер е нешто што за прв пат се одржува во Македонија бидејќи до сега најчесто се организираат отворени денови на самите универзитети што претставува обврска на идните студенти да ги посетат сите универзитети за да ја направат конечната одлука. Но, со овој настан, матурантите ги имаат на дофат сите потребни информации и можност да го направат вистинскиот избор.“, вели Николов.
„Сакавме на матурантите да им ги преставиме и македонските универзитети сѐ со цел да ги задржиме овде. Студирањето во странство секако е позитивно и носи свои добри страни. Меѓутоа голем дел од студентите остануваат таму, продолжуваат со работа и градење кариера и не се враќаат во нашата држава за да го искористат стекнатото знаење и вештини. Затоа се трудиме да ги презентираме во најдобро светло и нашите универзитети. На саемот универзитети имаа можност да ги слушнат барањата на средношколците и според тоа да работат на квалитетот и адаптацијата на студиските програми.“, вели Николов.
На УниКомпас пријавени беа околу 350 учесници, a покрај презентациите и штандовите од универзитетите, имаше организирано и бројни работилници. Матурантите имаа можност за кариерно советување и насочување, присуство на работилница за ментално здравје која ќе ги спреми за транзицијата и промената. Активност имаше и за нивните родители кои учествуваа во родителското катче.
Николов најавува и второ издание на настанот со збогатени содржини и дополнителни активности, кое би се одржало некаде на почетокот на следната година.
Тој им препорачува на сите идни студенти да останат љубопитни, да истражуваат, да работат и бидат вредни, но и да не се откажуваат од своите права. Младите се нашата иднина, а ние возрасните треба да се адаптираме според нивните потреби и идеи.