ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
25.09.2025
„Само студентите со совршен просек и перфектен англиски јазик одат на Еразмус + мобилности“ – Мит или вистина?

Еразмус + програмата во последните неколку години зазема замав со популарноста. Поволностите кои се нудат преку младинските размени на кратки проекти, или пак можностите за студиски мобилности за студентите сѐ повеќе го привлекуваат интересот кај младите. Но, кои се најголемите митови и предрасуди во однос на оваа програма кои ги спречуваат младите да аплицираат?

European Union 2014 – European Parliament

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Одделението за меѓународна соработка, веќе неколку години успешно менаџираат со мобилностите за студии и за пракса кои се нудат на студентите. Досега голем број на студенти ја искористиле оваа програма и оствариле студиски престој во странство, но голем дел од нив сѐ уште не се нафаќаат на таков чекор.

„Кога за првпат слушнав за Еразмус+ програмата, и јас бев еден од оние кои веруваа во митовите. Си мислев: „Ова е само за најдобрите студенти, за оние со совршен просек и перфектен англиски јазик.“ Денес, после шест месеци студиска размена на Универзитетот во Истанбул, знам дека тоа не е вистина.“, вели Елена Рибарска.

Елена е студентка на Општа медицина, која во својата петта година од студиите , еден семестар помина на Универзитетот во Истанбул, кој важи за вториот најдобар универзитет во цела Турција. Во текот на шестмесечниот престој, Елена се стекна со теоретско знаење, но и практични вештини посетувајќи клинички болници и практични вежби во различни области од медицината како, судска медицина, ортопедија, урологија и други.

Елена Рибарска

Сега, Елена го демантира митот за најдобрите студенти и искуството и покажало дека не одат само „најдобрите“ туку најмотивираните и најтрудољубивите. Желбата за нови знаења и интересот за стекнување на поразлично искуство, вели дека и ја отворило вратата кон понатамошен развој.

Многу од студентите се плашат и од своите јазични вештини, дека недоволно го владеат англискиот јазик. Но, Еразмус + престојот, може само да ја подобри комуникацијата на англиски јазик, а дури и да придонесе за учење на локалните јазици.

„Другата голема предрасуда е јазикот. И јас бев несигурна, се прашував дали ќе можам да комуницирам доволно добро. Но, брзо сфатив дека никој не бара совршен англиски или локален јазик. Доволно е да сакаш да се обидеш, да прашаш, да учиш. Секојдневното дружење со студенти од различни земји ми помогна да го усовршам англискиот, а научив и неколку зборови на турски јазик.“, вели Елена.

Друг од митовите кои се провлекува меѓу младите во однос на програмата е дека студентите на Еразмус + одат само за да „шетаат“.

„Ова е можеби најчестиот мит. Да, престојот во странство носи нови пријателства, патувања и културни искуства, но тоа не значи дека студирањето е запоставено. Во Истанбул морав редовно да присуствувам на предавања, вежби. Секојдневно учев нови методи на работа, запознавав современи технологии и учев од професори со големо меѓународно искуство. Точно е дека  имаш време и за патувања, но токму комбинацијата од академска обврска и културно збогатување го прави Еразмус + уникатен.“, вели Елена.

 

Од Штип до 60.000 следбеници: Студентка создаде заедница што ги мотивира студентите ширум светот
Младите во Хрватска ќе добиваат по 100 евра за посета на културни настани