
„Сајбер безбедноста е практично ‘дигитална безбедност’ – начин на кој ги штитиме нашите телефони, компјутери, профили и лични податоци од злоупотреба“, вели Севдали Селмани, раководител на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти – MKD-CIRT при Агенцијата за електронски комуникации.

Со сè поголемата употреба на интернет за комуникација, банкарство, купување и образование, растат и ризиците од сајбер измами. Според Селмани, денес речиси секој човек има свој „дигитален идентитет“.
„Тоа значи дека во дигиталниот свет имаме и ‘дигитален идентитет’ – нашето име, фотографии, пораки, контакти, документи, лозинки, картички и навики.“
Најголем дел од нападите кон граѓаните се поврзани со фишинг – лажни пораки кои се претставуваат како банки, институции или услуги за достава.
„Најчестиот напад за граѓаните е фишингот – лажни пораки што изгледаат како да се од банка, пошта, достава, институција или позната платформа. Целта е да ве натераат да кликнете линк и да внесете лозинка, број на картичка или код што ви пристигнал по СМС.“
Дипфејк и нудификација – индустријализирање на дигиталната злоупотреба
Честа е и кражбата на профили на социјалните мрежи, по што напаѓачите ги користат профилите за измама на пријателите на жртвата.
„Многу честа е и кражбата на профили на социјални мрежи, каде напаѓачот потоа пишува на вашите пријатели ‘позајми ми пари’ или ‘гласај тука’, користејќи ја вашата доверба.“
Кај компаниите, пак, чести се таканаречените ransomware напади.
„Кај компаниите, покрај фишинг, голем проблем е ransomware – напад каде податоците се ‘заклучуваат’ и се бара откуп.“

Извор: pixabay.com
Во Македонија, следењето на сајбер заканите и координацијата при инциденти се врши преку националниот центар MKD-CIRT во рамки на Агенцијата за електронски комуникации.
„MKD-CIRT функционира како оперативен механизам за превенција, рано предупредување, координација и поддршка при сајбер инциденти.“
Центарот ги следи трендовите на интернет измами и ги информира граѓаните кога се појавуваат масовни лажни пораки или линкови.
„Кога се појавуваат масовни измами (лажни СМС/мејлови ‘од банка’, ‘од пошта’, ‘достава’, ‘институција’), MKD-CIRT ги следи трендовите и навремено информира што точно се случува и како да се препознае измамата.“
Јавните Wi-Fi мрежи често се сметаат за голема опасност, но според експертите, ризикот најчесто не е директно „хакирање“ на телефонот.
„Во најголем број случаи, ризикот од јавен Wi-Fi не е ‘магично хакирање’ на телефонот во моментот кога ќе се поврзете. Toa e пресретнување или манипулација со сообраќајот и обид да ви се украдат податоци.“
(Видео) Марина Пешовска: Интернет измамите не демнат секојдневно
Напаѓачите може да постават лажна Wi-Fi мрежа или да се обидат да ги пренасочат корисниците кон лажни страници за најава.
Според Селмани, младите најчесто стануваат жртви на измами преку социјалните мрежи.
„Кај младите, измамите најчесто доаѓаат преку социјални мрежи и пораки: ‘гласај за мене’, ‘ќе добиеш подарок’, ‘провери кој ти го гледал профилот’, ‘види ја оваа снимка’.“
Сериозен проблем претставува и сексторзијата – уцена со интимни фотографии или видеа.
„Поголем и посериозен ризик е сексторзијата – уцена со интимни фотографии/видеа или содржини добиени преку манипулација.“

Иако многумина мислат дека сајбер нападите се резултат на сложени хакерски техники, во пракса најчесто се искористува човечката невнимателност.
„Важно е да се разбере дека напаѓачите ретко ‘хакираат’ директно системи – најчесто ‘хакираат’ луѓе, преку доверба и невнимание.“
Затоа, основните мерки за безбедност се клучни.
„Вклучете 2FA, користете уникатни лозинки, ажурирајте ги уредите и бидете внимателни со линкови и пораки.“
(Видео) Кога зборовите онлајн болат повеќе: Лична приказна за сајбер насилството кај младите
На крајот, Селмани нагласува дека наједноставниот совет е и најважниот.
„Кога нешто е итно, сензационално или ‘предобро за да е вистина’ – застани и провери.“
И додава дека безбедноста на интернет зависи и од технологијата, но и од вниманието на корисниците.
„Во дигиталниот свет, најсилната заштита е комбинација од технологија и здрав разум.“