Студентите по медицина се едни од најбројните во државата. Сите сакаат да студираат медицина, но дали сакаат за да работат во Македонија или не? Некои од студентите сметаат дека оваа професија многу малку се цени кај нас и дека се потребни коренити промени. Прашавме неколку студенти за нивно мислење за професијата и досегашното искуство.
„Со лесниот пристап на луѓето кон интернетот и социјалните мрежи, се повеќе имаме „сајбер пациенти“ кои сами на себе си поставуваат дијагноза и не го почитуваат професионалното лекарско мислење. Се почесто слушам изрази како – ‘Докторите кај нас ништо не знаат’, или ‘Ние во Македонија немаме доволно стручен кадар’… Со самото тоа се дава една слика дека лекарите кај нас, во Македонија, не се доволно ценети. Јас, како директно засегната од овој проблем можам да кажам дека кај нас треба да се обрне повеќе внимание на интеракцијата студент-пациент. Јас лично ја сакам својата држава и би сакала да остварам кариера тука, во Македонија. Сепак во Македонија имаме искусни лекари од кои има што да се научи, и доколку повеќе млади би се залагале да се подигне свеста на населението, а и да се подобрат условите за идните генерации на лекари, верувам дека во иднина би имале подобро здравство за сите“. – истакнува Марија Димеска, 5 година, Општа медицина, Факултет за медицински науки.
Стефан Николов, смета дека сè помалку се почитува лекарската професија, а заминувањето во странство останува примамлива опција за младите лекари.
„Денес професијата е сведена на омаловажување, потценување и лицемерие. Во јавните институции редовно сме сведоци за вербално и физичко насилство врз здравствените лица. Јавноста треба да биде запознаена со предизвиците со кои се соочуваат вработените во јавното здравство како недостиг на кадар, застарена опрема, долгите работни часови итн.“ , Вели Стефан кој е студент, 5 година, Општа медицина.
Многу млади лекари иднината ја гледаат во странство. Некои се запишуваат медицина само за да можат да работат во Германија.
„Иако сè уште не сум доволно компетентна да направам релевантна компарација меѓу докторите кај нас и оние во странство, бидејќи сум во фаза на учење, но за жал сведоци сме дека расне бројот на лекари кои заминуваат во странство. Откако ќе успеат да влезат во системот и да ги увидат можностите за реализација на своите права и амбиции, многу ретко некој од нив се враќа назад. Секој од нас, студенти, лекари и специјалисти, би требало да ги ‘засука ракавите’ и да го работи она што треба и онака како што треба. Неопходна е и дополнителна потпора и заштита на правата и професионалните интереси на лекарите. Јас сум оптимист и верувам дека секој студент по медицина би сакал да остане во својата земја и да го работи она што го сака од ‘дома’. Но за таа цел потребни се промени ‘од корен’. Конкретно јас сакам да се реализирам како доктор во Македонија и се надевам дека ќе имам можност и услови за тоа“, вели Ана Ренџова, исто така студент по медицина.
Ана е успешен студент на Медицински факултет во Штип, 4 година, а моментално ги надоградува своите знаења надвор од нашата земја, преку еразмус програмата во Универзитет во Сасари, Италија, на Медицински факултет.
„За да бидат лекарите повеќе ценети мора да работат на своите вештини за правилно комуницирање и пристап кон пациентите, бидејќи денес сè почесто се соочуваме со ситуации во кои докторот или неговото мислење нема да биде испочитувано. Како и во секоја професија така и овде постојат недостатоци, од аспект на дијагностичките апарати или терапевтски процедури и лекови, но сепак со заедничка заложба сметам дека сето тоа може да се промени“. – истакнува Кристијан Живков, 5 година, Општа медицина.
Марта Шешова, студентка на Високата Медицинска школа во Битола, смета дека оваа професија не се цени доволно, платите не се соодветни, потребни се подобри услови за работа, како и разбирање од самите пациенти.
„Би останала да работам тука, а верувам дека и моите колеги, ако ни се дадени убави услови за работа и ако трудот што сум го вложила ќе ми се исплати во иднина“. – истакнува Марта.
Генерално, студентите се оптимисти и веруваат дека во иднина ќе се подобри оваа професија и дека јавноста ќе има поголемо разбирање за докторите. Иако западните земји имаат примамлив здравствен систем, нашите млади студенти и идни доктори, ни се потребни.