Од 20 октомври , Центарот за психотерапија и развој на човечките потенцијали „Психолариум“ ќе започне со работилници наменети за деца со цел да се намали врсничкото насилство. Работилниците ќе се одржуваат еднаш неделно со времетраење од час и половина, а предвидени се девет работилници за деца и три за родителите. Целната група се деца од 10 до 12 години, ученици во основните училишта во Општина Аеродром.

Целите на работилниците се превенција и намалување на врсничкото насилство
Тоа ќе се одржи преку:
- Познавање и прифаќање на себе и другите – развој на позитивна слика за себе, чувство на сигурност и самодоверба, чувство на сопствена вредност и достоинство; запознавање и развој на толеранција преку воочување, разбирање и почитување на меѓусебните сличности и разлики;
- Меѓусебна соработка и позитивна комуникација – воочување на разликите помеѓу натпревар и соработка; запознавање со основните одлики на позитивна и негативна комуникација; воочување на важноста за припаѓање во заедница и исклучувањето од неа како облик на насилство;
- Емоционална писменост – развој на емоционална интелигенција преку препознавање и изразување на различни емоции (кај себе и другите) и негување на емпатијата;
- Препознавање, превенција и справување со насилство – запознавање со поимот насилство, видовите на насилство и разбирање на факторите кои влијаат на појавата на насилство и освестување за неговата комплексност; запознавање со начините на индивидуално и групно реагирање на насилство.
Цената на работилниците изнесува 1800 денари месечно, или пак 5.400 денари за комплет циклус на работилниците. Сите заинтересирани може да се пријават на линкот до 15 октомври.
Можеби ќе ве интересира