
Жителите на Македонија сè повеќе се задолжуваат, но и повеќе штедат – според последните податоци на Народната банка, просечниот долг по жител изнесува околу 246.000 денари, односно околу 4.000 евра, а штедните влогови околу 5.400 евра по граѓанин.
До април 2025 година, вкупните кредити во недржавниот сектор (граѓани и фирми) достигнале 508,5 милијарди денари, со раст од 11,8% во споредба со истиот месец минатата година. Најголемо зголемување има кај станбените кредити (14%) и потрошувачките кредити (9%), што укажува дека граѓаните сè повеќе се задолжуваат и за домување и за секојдневни трошоци.
Истовремено, граѓаните имаат депозити во износ од 408,6 милијарди денари, што претставува раст од 11,6%. Сепак, кредитите сè повеќе го достигнуваат нивото на заштеди и растот на задолжување е поголем од растот на депозити.
Ако вкупната сума на депозити во недржавниот сектор, која изнесува 600,9 милијарди денари, се подели на приближно 1,8 милиони активни граѓани, се добива дека секој „на хартија“ има заштедено околу 333.800 денари, или околу 5.400 евра.
Иако бројките звучат охрабрувачки, податоците покажуваат дека расте финансиската изложеност на населението. Зголемувањето на долговите, особено кај потрошувачките и станбените кредити, отвора прашања за одржливоста на личните буџети во услови на економска неизвесност и инфлација.