
Секој трет ученик на возраст од 15 до 16 години во Северна Македонија пријавил обилно епизодно пиење алкохол (пет или повеќе пијалоци во една пригода), покажуваат резултатите од најновото истражување ЕСПАД 2024, спроведено од Институтот за јавно здравје. Истовремено, податоците укажуваат на раст на проблематично коцкање, кое во последните пет години е зголемено од 4,5 на 7,6 проценти кај учениците што се коцкале во изминатите 12 месеци .
Истражувањето е спроведено во 96 средни училишта низ целата земја и опфати 2.831 ученик, со речиси еднаква застапеност на момчиња и девојчиња.
Според резултатите, алкохолот и понатаму е најкористената психоактивна супстанција кај средношколците. Покрај високата преваленца на пробување алкохол во текот на животот, значаен дел од учениците пријавуваат и пијанство во последните 30 дена, што претставува континуиран тренд во однос на претходните истражувачки циклуси од 2008 до 2024 година .
Податоците покажуваат дека 3,6% од учениците пушеле цигари секојдневно на возраст од 13 години или помлади, при што преваленцата е повисока кај момчињата (4,5%) отколку кај девојчињата (2,8%). Во споредба со 2008 година, вкупната стапка бележи мало, но континуирано зголемување.
Покрај класичните цигари, во истражувањето е евидентиран и раст на употребата на електронски цигари и тутунски производи што се загреваат, особено во однос на податоците од 2019 година.
ЕСПАД 2024 регистрира значително зголемување на проблематичното коцкање кај учениците што се коцкале во последната година. Кај момчињата, оваа стапка пораснала од 5,8% во 2019 на 9,3% во 2024 година, додека кај девојчињата од 2,3 на 4,1 процент
Физичкото коцкање е почесто (21%) од онлајн коцкањето (15%), но и двата облици се значајно присутни кај младите
По период на опаѓање, истражувањето покажува повторно зголемување на употребата на транквилизери и седативи без лекарски рецепт. Во 2024 година, ваква употреба во текот на животот пријавиле 6,6% од учениците, наспроти 4,2% во 2019 година
Употребата на нелегални дроги како кокаин, хероин и нови психоактивни супстанции останува релативно ниска, но е присутна и кај двата пола
Истражувањето покажува дека само 38,1% од учениците учествувале во активности за превенција од алкохол, додека уште помал дел биле опфатени со програми за дроги (13,7%) и коцкање или интернет ризици (15,6%). Најголем дел од овие активности биле реализирани во рамки на редовното училишно време и главно од наставен кадар .
Северна Македонија учествува во ЕСПАД истражувањето од 1999 година, што овозможува следење на трендовите во употребата на алкохол, тутун, дроги и ризични однесувања кај младите низ повеќе генерации. Последното истражување, спроведено во 2024 година, вклучува и нови прашања поврзани со дигиталните навики и коцкањето .