
Секоја втора девојка на 15 години во Македонија покажува знаци на депресивно расположение, додека истото важи за речиси секое петто момче од истата возраст. Ова го покажуваат резултатите од ХБСЦ студијата (Health Behaviour in School-aged Children) за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст, кои ги пренесува ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.
Податоците, според ХЕРА, треба да бидат сигнал за итна и заедничка реакција од страна на родителите, училиштата и институциите. Целта е да се обезбеди безбедна и поддржувачка средина за младите, каде што ќе се чувствуваат прифатени и ќе добиваат навремена психосоцијална поддршка.
„Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на младите. Сè почесто се соочуваме со случаи на анксиозност, депресија и изолираност кај деца и адолесценти, предизвикани од навреди, исклучување или насилство од врсниците – како во училиште, така и онлајн“, стои во соопштението на ХЕРА.
Организацијата ги информира жителите на општина Центар, како и вработените и учениците во основните училишта, дека психосоцијалната поддршка, превенцијата од дроги и советувањата за ментално здравје се достапни бесплатно. Услугите се нудат секој работен ден, со претходно закажување, и се наменети за сите: ученици, родители, наставници и млади кои се соочуваат со предизвиците на секојдневниот живот.
Ана Попризова, психотерапевтка и училишен психолог во гимназијата „Орце Николов“, објаснува дека училиштата имаат свои стручни служби кои работат со учениците, но во случаи кога е потребна подлабока терапевтска интервенција, нивните ресурси често не се доволни.
„Со вклучување на советувалиштата на ХЕРА, кои се дел од системот на социјална заштита, училиштата добиваат дополнителна поддршка за случаи кога учениците, семејствата или старателите имаат зголемени потреби“, посочува Попризова.
Младите можат да побараат помош во неколку советувалишта:
Податоците упатуваат на потребата за координиран пристап од целото општество. Психичкото здравје на младите, како што покажуваат и овие бројки, не смее да се занемари.