Розев октомври, месец посветен за кревање на свеста за карциномот на дојка, е потсетник дека овој карцином е најчест кај жените и глобален здравствен проблем. Секоја шеста жена е со ризик да добие карцином на дојка во текот на својот живот, а инциденцата на новозаболени е во пораст.
„Загрижувачки е фактот што инциденцата кај помлади пациентки (под 40 годишна возраст) е во пораст во последните пет години, за 2% годишно. Ова е загрижувачки тренд бидејќи пациентките со карцином на дојка под 40 годишна возраст во 40% завршуваат со смртен исход. Причината се гледа во тоа што кај помладите пациентки позастапен е поагресивниот биолошки тип („тројно негативен“ и ХЕР2 позитивен), поголема е веројатноста за генетска основа како ризик фактор (BRCA1/BRCA2), како и предизвик во третманот во однос на фертилитет.“, вели доц. д-р Марија Караколевска Илова, специјалист онколог и радиотерапевт во Клиничка Болница – Штип.
Со растечкиот тренд на дијагностицираните со карцином на дојка, клучно е да се постави рана дијагноза и примена на третман. Пристапот на третман е индивидуален во корелација со биологијата и молекуларните карактеристики на туморот, но раното откривање дава подобра прогноза. Карциномот на дојка може да се излечи, само ако се дијагностицира во ран стадиум.
„Секоја жена треба да биде информирана дека истиот се изведува од 7-10 ден од менструалниот циклус, со палпација во радијални или вертикални линии поп целата дојка со првите три прста. Потребно е да се следи структурата на кожата на дојката, големината, формата, и посебно делот кај брадавката и секако да не се заборават и пазувите , бидејќи појавата на палпабилна маса во пазувите може да биде прв и единствен знак за карцином на дојка.“, вели доц. д-р Караколевска Илова.
Примарната заштита е клучна во кревањето на свеста кај жените, а редовните самопрегледи и скринингот може да значат живот.
Иако, има подобрување во едукацијата и одзивот за скрининг, сепак простор за подобрување постои.
Карциномот на дојка е еден од нај хетерогените карциноми на молекуларно ново, што претставува предизвик во однос на третманот. Па, затоа се имплементира индивидуален и целен третман со помош на биолошка терапија, имунотерапија, целна терапија.
“Во мојата децениска пракса како онколог имам пациентки од сите возрасти. Тука не треба да се изостави фактот дека истиот се појавува и кај постарата популација, на пример најстарата пациентка е на 88 годишна возраст. За среќа инциденцата кај помлади пациентки под 30 години е сѐ уште мала, но сепак присутна, при што мојата најмлада пациентка е на 24 години.“, вели доц. д-р Караколевска Илова.