ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
28.01.2022
Сексуално вознемирување – сива зона и во законите и во менталитетот

Сексуално вознемирување, сексуалниот криминалитет и понатаму остануваат сива зона кога станува збор за пријавувањето на случаите, како и за законскиот третман на овие дела. Анкетата на goce.mk  и универзитетските медиуми на УГД го потврди ова, но потврди и дека многу често сексуалното вознемирување тешко се препознава, а жртвите повеќе би одлучиле да молчат, за да не бидат дополнително виктимизирани.

На оваа тема, во нашата „Соба за дискусија“, разговаравме со Дороти Пачкова, родов експерт од организацијата „Една може“ и проф. Д-р Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет на УГД.

„Сексуалното вознемирувањето спаѓа во сивата зона поради фактот дека тешко се препознава па поради тоа и не се пријавува премногу често. На пример Македонија во споредба со скандинавските земји има многу мал процент на пријави на сексуално вознемирување, а коренот на овој проблем е непрепознавањето. Од родов аспект, можам да тврдам дека сексуалното вознемирување е само една форма на наше патријархално наследство кое е социјално создадено. Проблемот на сексуалното вознемирување е социолошки проблем или културолошки наследен проблем благодарение на историјата на долгогодишен патријархат. Девојките и жените кога би се осудиле да пријават, најпрво би биле осудени, и тоа се најголем број од примерите со кои јас сум дошла во контакт. Самите жртви на сексуално вознемирување се плашат од осуда, се плашат дека ќе бидат обвинети дека сами си го барале, и ќе бидат дополнително виктимизирани“ – вели Дороти Пачкова од „Една може“.

Дороти Пачкова

Дури и поединците и граѓанските организации кои се борат против сексуалното вознемирување и насилство се дополнително на удар на вознемирување

„Во историјата на феминизмот е исто – кога се покренувале феминистички движења против некакви типови на дискриминација врз жената, паралелно со нив се појавувале и антифеминистички движења, кои според мене се движења против човештвото. Така и ние како граѓанска организација, и јас како родова експертка исто така се соочувам со различни типови на мултидисциплинирана дискриминација, бранејќи ги луѓето, жените кои се жртви на дискриминација“ – додава Пачкова.

Сексуално вознемирување – сите би го пријавиле, а пријави има малку….

Што вели законот?

Законскиот одговор на сексуалниот криминалитет во Кривичниот законик е јасен, но треба подобрување кога станува збор за новите форми на вознемирување, преку интернет, во сајбер просторот, со говорот на омраза и закана.

„Актуелна тема овие денови кога сите сме експонирани и на интернет, на секој начин можеме да бидеме мета на предатори кои во позадина имаат вршење на некои дела против половата слобода и половиот морал. Кривичниот законик ова прашање го регулира на неколку начини, зависно од  возраста на жртвата. Ако станува збор за жртва над 18 години, тогаш е обљуба со злоупотреба на положбата. Исто така во КЗ е инкриминирано и посебно како квалифицирано дело доколку сторителот е во позиција на наставник, лекар , воспитувач, професор, или во некоја роднинска врска со жртвата, која во овој случај би била од 14 до 18 години, и за ова КЗ предвидува казна затвор од најмалку 10 години. Исто така, има одредби во КЗ во кои посебно е санкционирано ако жртвата е под 14 години. Тогаш казната е од најмалку 12 години затвор, а ако жртвата има тешки телесни повреди или самиот чин е вршен на особено суров и понижувачки начин, тогаш казната е затвор над 15 години или доживотен затвор. Во секој случај, за ваквите кривични дела е превидена и споредна казна, забрана за вршење на професија, дејност или должност, затоа што сторителот ја злоупотребил службената положба или овластување. И секако, доколку кај жртвата постои активен отпор, тогаш би можело да се подведе и под кривично дело силување, кое предвидено во член 186 од КЗ“ – вели Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет на УГД.

Олга Кошевалиска – Деканка на Правниот факултет на УГД

Емисијата може да ја погледнете во продолжение.

 

Лолита Спирова: Исхраната не е тренд, зад неа стои стручен и научно поткрепен пристап
Оскарите со измени поради војната?