
Во соработка со Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, организацијата Заедно посилни подготвува јавен едукативен настан посветен на сексуалното здравје и современите начини на заштита од ХИВ и сексуално преносливи инфекции. Настанот ќе се одржи на 3 декември 2025 година, во 16:30 часот, во просториите на Факултетот.
Фокусот на програмата е јасен и практичен: да се отворат табу темите и да се понудат најнови, научно засновани информации што им овозможуваат на младите луѓе да бидат информирани, заштитени и сигурни во сопственото здравје.

„Како СОМА, веруваме дека секој млад човек заслужува пристап до точни информации и безбедна средина во која може да поставува прашања без страв — затоа со гордост сме дел од овој настан“, порачаа од организацијата.
Присутните ќе имаат можност да слушнат за новитетите во превенцијата на ХИВ, најсовремените методи за намалување на ризик, како и достапните опции во Македонија – од редовно тестирање и скрининг, до употреба на кондоми, предекспозициска (ПрЕП) и постекспозициска профилакса (ПЕП), како и новиот пристап докси-ПЕП, кој се користи за превенција од одредени бактериски сексуално преносливи инфекции.
Средношколците немаат доволно знаења за сексуално преносливи инфекции
Освен медицинските аспекти, настанот ќе отвори и прашања важни за младата популација:
Како да се препознае ризик и навремено да се побара услуга?
Кои бесплатни и достапни услуги за превенција, дијагностика и лекување на СПИ и ХИВ постојат во Македонија?
Како секој поединец може самоуверено да пристапи кон сексуалното здравје без страв и стигма?
Со вакви иницијативи, Штип уште еднаш покажува дека младите можат да добијат актуелни и корисни информации – и тоа на место каде што знаењето навистина прави разлика. Настанот е отворен за сите заинтересирани.
Линк за пријава на настанот: