Голем доказ дека се уште постојат стереотипи и родово нееднаквост во општеството е бројката на пријавени случаи на насилство врз жени и девојки и семејно насилство, истакна денеска Бети Пеева од Здружението „ЕХО“од Штип на дебатата и перформаност за јакнење на родова нееднаквост „Простор за разговор“ во организација на ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а кои се одржаа денеска во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. Пеева посочи дека од 2021 до 2023 година за 176 насто е зголемено насилството врз жените и девојките и семејното насилство.
-Што значи дека минатата година имавме пријавено 288 случаи на насилство врз жени и девојчиња и семејно насилство. Оваа бројка е со тенденција да расте се повеќе, затоа што забележавме дека всушност се зголемува и економската зависност на жените што допринесува, тие и да не пријавуваат, меѓутоа и откако ќе пријават да се предомислат, вели Пеева.
Елизабета Божиноска Програмски директор на ХЕРА денеска од Штип истакна дека кај нас професиите се делат на машки и женски. Ова е најизразено во науката и политиката. Посочува дека само 2,5% од општините во државата, имат жена за градоначалник.
-Тоа не значи дека жените не можат подеднакво со мажите. Треба низа на предуслови да бидат создадени за поддршка на жените, но и да се создадат квоти на различни нивоа. Само во Собранието имаме квота -40% и тоа е еден пример што укажува дека таму што имаме квоти, жените и те како можат да бидат успешни, вели Божиноска.
Таа истакна дека целта им е преку вакви настани да придонесат во искоренувањето родовите нееднаквости, да се зајакнат младите и маргинализираните заедници.
Познатата балерина и универзитетски професор на катедрата за Современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Рисима Рисимкин истакна дека преку овој проект сакаат младите да ги поттикнат да се отворат и да разговораат на темата родова нееднаквост. Забележа дека во балетот повеќе доминираат девојчињата, отколку момчињата.
-Кај нас се гледа тоа и по присуството колку има во студиото за танци. Повеќе доаѓаат девојчиња отколку момчиња и овде се гледаа таа родова поделеност, рече Рисимкин.
Граѓанските активисти сметаат дека земјава има легислатива за родова еднаквост и таа е многу унапредена за разлика од претходните години, но за жал тоа е само на хартија.
Штип, 21 мај 2024 (МИА) ВДЈ